Инвестициите продолжуваат, најавени нови мерки за посилна економија
Економијата на удар од политичката ситуација. Бизнисмените се воздржани. Нивните развојни планови стојат во фиока, се пролонгира реализацијата на зделките, замрзнуваат вработувањата, а капиталот се чува за подобри денови. Бизнисмените велат- никој нема намера да троши пари во состојба на политичка нестабилност и несигурност. Иако за оваа и следната година има најава за позитивни стапки на раст, а позитивните трендови изминативе години ја раздвижија економијата, случувањата на политичката сцена сега под знак прашалник го ставаат растот, а во недоумица странските инвестиции, пишува Лидер.
Стопанствениците алармираат- потребни се итни мерки за да се ублажат последиците по македонските компании од актуелната политичка ситуација. Сепак, компаниите кои гледаат објективно и долгорочно на случувањата, размислуваат поинаку. Последната најава за инвестиција на американски „Леар“ во Гостивар, дава сигнал дека странските инвеститори сеуште се заинтересирани да вложат во Македонија.
Германски „Техникал Текстил“, пак наскоро ќе ги отвори погоните во Штип. Веќе ги инсталира машините во зоната во Штип. 50 работници се испратени на обука во Словачка, со цел да го стекнат потребното работно искуство и да се запознаат со процесот на производство. Летово компанијата планира да вработи за почеток 200 работници. Со целосно реализирање на инвестицијата бројот на вработени во компанијата ќе достигне 1.000 луѓе.
Сопственикот на компанијата, Јенс Вендланд ги повика заинтересираните за работа да ја погледнат интернет – страницата на компанијата и да аплицираат. Размислува и за нови вложувања, со што би се надминала првичната вредност на инвестицијата од 10 милиони евра. „Профитот што ќе го правиме во Македонија планираме да го реинвестираме, нема да го изнесуваме надвор во земјава“, нагласува Вендланд.
Надлежните велат дека паралелно се водат преговори со повеќе странски компании.
-Во моментот има доста добра листа на потенцијални проекти, кои за релативно кратко или за неколку месеци треба да донесат одлука за инвестирање. Има интензивни комуникации, исто и одлуки кои веќе се донесени и се во фаза на формални чекори кои треба да се донесат пред да има објавување, изјави министерот за странски инвестиции, Веле Самак.
Нови мерки за засилување на економијата
Бизнис заедницата, пак, иницира конкретни предлог-мерки кои ќе им помогнат на компаниите да ја пребродат моменталната ситуација и најави дека истите ќебидат доставени следната недела до Владата.
-Бизнис секторот е заедно во намерите и целите за стабилизација и нормализација на економската и политичката состојба во земјата. Првин сакаме да го тргнеме елементот кој е генератор на кризата, а потоа да зборуваме за конкретни мерки кои ќе бидат повеќе на макроекономски план, а потоа и на микроекономски план, изјави Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на Северозапанда Македонија.
И премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ најави пакет мерки и промени во многу сектори со кои ќе се засили функционалниот систем на управување. Нема да дозволиме тоа што со години го градевме во економијата, да го срушат, рече Груевски.
-Силниот тренд на инвестиции и нови градби на нови производни и услужни капацитети и фабрики, силниот ден на отворање нови работни места, планираните 63.000 нови работни места во четиригодишниот мандат, силниот тренд на раст на извозот кој годишно расте по 15 до 20 проценти, силниот тренд на инвестиции во инфраструктурата, патиштата, железницата, енергетиката, авиосообраќајот, здравството, образованието, силниот тренд на земјоделството, силниот тренд на реформи во многу области, како што се последните во новиот Закон за администрација или лани стапените на сила за судството, силниот тренд на градење на Македонија и раѓање на нова перспектива и надеж за подобра иднина на младите, но и на повозрасните нема да дозволиме тој човек и таа кукавичка група околу него, како и нивните сценаристи, да го срушат, нагласи премиерот Груевски.
Од НБРМ велат дека засега не ја менуваат проекцијата за раст на БДП од 4,1% годинава, и 4,5% следната година. Гувернерот Димитар Богов најави дека ценовната стабилност и курсот на денарот во однос на еврото ќе бидат задржани, но, остануваат предупредувањата за помал раст по негативните политички случувања во земјата.
Можни последици: Намалување на потрошувачката, пад на извозот и туризмот
Експертите велат- моменталната политичка ситуација има негативно влијание врз стопанството, во делот на странските и домашните инвестиции, како и во туризмот поради можното намалување на бројот на туристи кои престојуваат или најавиле доаѓање во државава. Се стравува и од намалување на потрошувачката, како и намалување на дознките од странсво, парите од печалбарите, кои пак во летните месеци претставуваат значаен стимул за потрошувачката и компаниите. Со проблеми се соочуваат извозницие чиишто производи завршуваат на пазарите на соседните земји.
Кога станува збор за странските инвестиции, последната најава за влез на американскиот гигант „Леар“ во земјава, потврдува дека бизнис климата и Македонија како дестинација, и покрај последните случувања, сеуште е атрактивна за странските инвеститори.
-Кога еден инвеститор одлучува, првите фактори кои ги гледа се политичката и економската стабилност. Сите фирми и менаџменти со кои сме разговарале гледаат на тие работи објективно, знаат дека некогаш можат да се случат и немири и напади и терористички протести, нешто што се случува и во развиените западни земји. Важно е да сфатат дали е тоа изолирана ситуација или нешто што постепено се решава. Нормално, ако се креира таква перцепција, тогаш има малко одложување или повлекување, вели министерот за привлекување на странски инвестиции, Веле Самак.
Самак вели дека тој и неговите колеги се во постојан контакт со странските инвеститори и дека кај многу од нив има загриженост и дека се прават големи напори да не дојде до нестабилност на тој план.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа