Инвестициите продолжуваат, се отвораат 2.500 работни места
И покрај неизвесната политичка ситуација во земјава, најавените странски инвеститори забрзано ги градат своите капацитети, па така, наскоро најмалку шест компании треба да ги отворат своите производствени, гринфилд капацитети. Додека изградбата на нивните фабрики е во завршна фаза, некои од нив веќе работат во браунфилд простории, имаат вработени, а и дополнително регрутираат и обучуваат кадри, подготвувајќи се за официјален старт на гринфилд инвестицијата. Овие шест компании, од кои три се сместени во зоната во Скопје, по една во Штип, Кичево и Ресен, вкупно треба да вработат околу 2.500 лица, пишува Лидер.
Производствениот капацитет на италијанската компанија „Дијатек“ во Бунарџик е во завршна фаза. Инвестира 10 милиони евра, а инсталирани се првите машини од опремата. Компанијата стартува со процесот на регрутирање, а планира да вработи 200 лица. И американската „Кап Кон“ е прикрај со изградбата на фабриката вредна 18 милиони долари, во која ќе бидат отворени 400 нови работни места.
Германската „Техникал Текстил“ ја лоцира фабриката за индустриски текстил во зоната во Штип, која треба да стартува во јули. Инвестицијата во првата фаза изнесува 12 милиони евра, а планирани се најмалку 1.000 вработувања. Компанијата е во процес на регрутирање кадри, а веќе ангажираше 50 лица.
Американската компанија која произведува делови за автомобилската индустрија, КСС (Ки Сејфти Системс), очекува да заврши со изградбата на фабриката во Кичево до крајот на годинава. Ќе инвестира 20 милиони долари, а ќе произведува воздушни перничиња. Планира да вработи 1.000 лица, а веќе 60 работници активно се ангажирани.
Во Ресен, финишира и изградбата на откупно дистрибутивниот центар на „Ејпл ленд“. Исто така, во текот на летово италијанската „Технохозе“ ќе го стави во употреба вториот капацитет, за кој пак се најавени 150 вработувања.
Производстовото на сите овие фабрики е наменето за извоз. Од владата не ја исклучуваат можност и други од странските компании да ги отворат капацитетите оваа година, а најавени се и поголем број на други странски инвестиции во услугите, аутсорсингот, кол центрите, информатиката и рударството.
Се преговара и со други странски компании, политичката нестабилност носи неизвеснот
Според надлежните, во моментот има доста добра листа на потенцијални проекти, кои за релативно кратко време, или за неколку месеци треба да донесат одлука за инвестирање. Има интензивни комуникации, исто и одлуки кои веќе се донесени и се во фаза на формални чекори кои треба да се донесат пред да има јавно објавување. Се очекува темпото да продолжи со иста динамика, како во последните две години. Министрите за странските инвестиции континуирано работат на привлекување на се поголем број компании.
-Со отворањето на гринфилд капацитетите на новите инвеститори ќе дојде до значително зголемување на бројот на вработени лица кои ќе бидат ангажирање во рамките на компаниите, а освен тоа ќе има и позитивни придвижувања во макроекономскиот развој, особено во зголемувањето на извозот, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Од Народната банка постојано ја пратат состојбата во економијата и сметаат дека во наредните неколку месеци нема потреба од промена на монетарната политика, но и дека проектираниот раст од 4,1 проценти, во ваква ситуација е тешко остварлив. Најновите показатели, како пониските приливи од ДДВ и падот на индустриското производство во април се првите индикатори дека политичката криза почнува негативно да влијае врз економијата.
Според гувернерот Димитар Богов, пролонгирањето на политичката состојба би довело до негативни ефекти во производството, инвестициите, побарувачката, банкарскиоот сектор, што би ја загрозило макроекономската стабилност, за што државата ќе треба да донесе нови мерки.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа