Јапонските експерти со совети за подобра заштита на Охридското Езеро
Утре во Охрид ќе се одржи најавениот семинар за „Студијата за прибирање на податоци за подобрување на животната средина на Охридското Езеро и техники за рехабилитација на канализацијата“. Семинарот е организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Семинарот треба да биде заокружување на спроведената судија на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАЈКА), насочена кон идентификација на проблемите поврзани со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро и неговата околина, како и да се обезбедување насоки за одредување каков тип решение би било најкорисно за санација на канализациските системи од охридското сливно подрачје.
Охридското Езеро од 1980 година го носи статусот Светско наследство на УНЕСКО. Колекторскиот систем за негова заштита е веќе застарен, со нефункционални сегменти, а самите пумпи на системот и станицата за третман на отпадните води веќе немаат капацитет да го примат целокупниот отпад.
На средбата на премиерот Никола Груевски со претседателот на „ЏАЈКА“ одржана во 2011 година беше договорено јапонската институција да испрати мисија што ќе спроведе истражување и ќе прибра податоци од терен. Токму спроведените испитувања ќе бидат презентирани и дискутирани на најавениот семинар, за кој свои објаснувања и предлози за подобрувања ќе бидат посочени од студискиот тим на „ЏАЈКА“, како и од локалните субјекти. Инаку, експертите од „ЏАЈКА“ предлагаат подобрувања на системот преку неколку препораки, и тоа испитување на неидентификуваната вода во канализациската мрежа, изготвување канализациска база на податоци, како и поправка и рехабилитација на оштетените канализациски цевки.
Во текот на семинарот ќе бидат претставени понатамошните активности за подобрување на животната средина на Охридското Езеро, за да канализацискиот систем на овој регион значително се подобри до 2020 година, Агенцијата „ЏАЈКА“ (ЈИЦА) е тело формирано и финнсирано од Владата на Јапонија, одговорно за имплементирање на билатерална помош преку техничка соработка, „ОДА“ (меки) заеми и грантова помош. Поддршката на „ЏАЈКА“ на Македонија е воглавно насочена кон заштита на животната средина и развојот на приватниот сектор.