Вложувањето во иновацијата дава економски профит

 

Вложувањето во иновациите е многу важно за македонските компании и за нивната конкурентност. Потребно е да се подигне свеста кај бизнисмените за значењето на иновацијата бидејќи таа дава економски профит, беше посочено на денешната тркалезна маса што ја организира Сојузот на стопански комори во соработка со Македонската академија на науките и уметностите.

Според академик Таки Фити, во Македонија во последните години има напредок во оваа област, но сепак мора да се зголеми свеста кај менаџерите за иновативноста.

- Македонските фирми издвојуваат околу шест до седум милиони евра на годишно ниво за иновации и развој, а во словенечката економија се издвојуваат 506 милиони. Претпријатијата кои се иновативни имаат 15 проценти побрз раст во продажбата отколку неиновативните, осум отсто побрз пораст на продуктивноста и на конкуретноста, побрз пораст на платите... Иновацијата дава економски профит, односно натпросечен профит. Од анкетите што ги прави Државниот завод за статистика укажуваат дека сите наши компании со иновацијата имаат значајни резултати во намалување на трошоците на работењето, зголемување на работењето и на профитот, истакна академик Фити. 

Тој оцени дека важен чекор е и основањето на Фондот за иновации кој неодамна ги додели првите грантови на 16 старт ап компании.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека до крајот на годината треба да биде објавен уште еден повик со кој се планира да бидат доделени дополнителни половина милион евра. 

- Развојот на иновативната дејност е еден од најважните елементи во развојот на државата. Владата има поставено стратегиски документи и соодветни активности за забрзан развој на иновативноста, но секој документ, колку и да е добро подготвен, треба да биде ревидиран од време на време. За таа цел вршиме континуиран дијалог со научната и бизнис заедницата, рече Пешевски. 

Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска смета од големо значење е да се придонесе во развивањето на свеста за иновативноста, а потоа да се продолжи и со едукација на вработените.

- Има погрешна перцепција за тоа што значи иновативноста. Многу малку знаат дека тоа не се само високо технолошки развиени решенија туку иновативноста значи да се пронаоѓаат нови производи, најмногу во рамки на организациската поставеност на една компанија и во макретингот на една компанија, посочи Арсовска.

Статистичките податоци покажуваат дека најиновативни се компаниите од областа на финансиите и осигурувањето по што следуваат информатичко-комуникациските фирми. Најмалку иновативноста е застапена кај градежните, транспортните и земјоделските компании.

 

 

Оцени ја веста

24.06.2015 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега