Полнете ги резервоарите - од утре возиме поскап бензин?
Американската лесна нафта за испорака во јули поскапи за 12 центи по барел при вчерашното тргување на берзата во Њујорк. Како што јавува ФрансПрес вчера, барел нафта во САД се тргуваше по просечна цена од 61,13 долари.
Северноморската нафта од типот „брент“ за испорака во август, исто така поскапе но за 11 центи и на берзата во Лондон се тргуваше по цена од 64,56 долари за еден барел.
Македонија увезува нафта согласно цените на лондонската берза. Трендот на цените вели дека вчерашната цена била за околу 2 долари по барел поскапа од цената врз основан а која Регулаторната комисија за енергетика на 15 јуни ги утврди малопродажните цени на нафтените деривати во земјата.
Тогаш, барел нафта имал просечна цена од 62,44 долари а еден долар чинел 54,6 денари.
Ако се има предвид дека сега нафтата чини 64,56 долари за барел а еден долар денеска се продава за 55 денари, за очекување е во понеделник да имаме нагорна корекција на цените на нафтените деривати. Во вакви услови за очекување е денар до два повисоки малопродажни цени на нафтените деривати.
На 15 јуни Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која Еуросупер од 95 октани поскапи за 1 денар и во моментов се продава за 71,5 денари по литар.
98 октанскиот еуросупер поскапи за денар и половина на 73,5 денари по литар.
Еуродизелот и екстра-лесното масло за домаќинство поевтинија за половина денар со што дизелот се продава за 56,5 денари за литар а екстра-лесното масло за домаќинство за 45 денари.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа