Ѓорѓи Спасов: СДСМ да го надмине стравот дека ќе се распадне без Црвенковски
Не е сигурен дека Црвенковски е искрен во намерата да си замине од челната позиција во СДСМ и се сомнева дека лидерот повторно ќе направи „жртва за единството“. За поразот на локалните избори одговорност гледа кај „мудрото раководство“. Поддршката од Црвенковски според него би била предност но и товар за потенцијалниот иден лидер на СДСМ. Поранешниот генерален секретар на СДСМ, екс министер и амбасадор Ѓорѓи Спасов за Пресс24 зборува за состојбите и предизвиците пред најголемата опозициска партија
Press24: Пратеникот на НДП, Изет Зекири пред неколку дена си поднесе оставка. Изјави дека по поразот на локалните избори во кои беше кандидат за градоначалник на Тетово веќе нема легитимитет да ги претставува граѓаните, бидејќи тие јасно му кажале дека не му ја даваат поддршката. Сличен потег, и тоа пред изборите имаше и од ДУИ. Арифи и Бејта си поднесоа оставки од минситерските функции, а Арбен Лабеништа замина од пратеничката функција. Во Македонскиот политчки блок па и во ДПА, таква пракса нема. Во ВМРО-ДПМНЕ има еден пратеник кој ги загуби локалните избори а во СДСМ дури петмина. Сметате ли дека и македонските пратеници треба да го следат примерот на своите албански колеги, кои според сите аналитчари е демократски чин за одбележување.
Спасов: На секои избори, партиите треба да настапат со своите најдобри кандидати. Дури ако претседетелот на партијата смета дека е човек со најголем углед во партијата не треба да бега од можноста да се кандидира за најпрестижната функција за која се одржуваат избори. Но во СДСМ веќе се случи, Црвенковски кога почуствува дека нема шанси за повторен избор за претседател на државата да изјави дека нема да се кандидира за таа функција и потоа да не чуствува било каква одговорност за изгубените претседателски избори. Кога партијата следниот пат одеше на парламентрани избори, тој повторно не се кандидираше ниту на една листа и по изборите можеше да каже дека тој не ги изгубил изборите туку оние што биле на листите. За локалните избори исто така беше на чело на партијата но не и кандидат за било која функција. Стравувајќи од пораз на локалните избори, тој посакауваше СДСМ да ги бојкотира тие избори а откако во последен момент прифати да учествува побара од „најверните“ да се жртвуваат себе си во трка за која тој знаеше дека е изгубена. Дел од нив тоа го прифатија со цел да ги максимализираат со својот личен углед гласовите и бројот на советничките места за СДСМ во некои општини и во градот Скопје. Андреј Петров и Јани Макрадули, па и Миле Андонов од Кочани, се одлични пратеници во Собранието.За поразот на локалните избори тие не се поодговорни од оние , кои мудро одбија да бидат кандидати на локалните избори. Со поднесувањето оставки на нивните пратенички функции би биле двојна жртва на „мудрото раководство“ и би му дале шанса целата одговорност за поразот да ја префрли врз оние кои го понесоа најголемиот товар. Според моја оценка во партија во која сите или повеќето одлуки се носат со акламација исто така со акламација ќе биде утврдено дека никој не е одговорен.
Press24: Порано бевте висок функционер во СДСМ а во моментов барем за јавноста делувате дистнцирано, но сепак останува впечатокот дека добро ги позавате состојбите на Бихаќка. Медиумите пред се оние поблиски до опозиијата веќе излегоа со натписи одредени актуелни функционери се фаворити на Бранко Црвенковски за претседателската фотеља во СДСМ. Колку има вистина во овие информации кои ги лиферуваат членови на СДСМ?
Спасов: Прво, не сум сигурен дека Бранко Црвенковски не сака и натаму лично да остане на чело на партијата. Ако вистина решил да не се кандидира повторно за претседател на партијата или да не прифати кандидатура тогаш треба уште пред почетокот на подготовките за Конгресот да изјави дека тој не сака од страна на општинските организации да биде ниту евидентиран како можен кандидат за претседател на СДСМ и дека нема намера на самиот конгрес, во последен момент да се појави како единствен кандидат со образложение дека „ тоа е жртва за да се зачува единството на партијата“ Ако е тоа јасно, нема проблем и јавно да подржи некој од кандидатите за негов наследник. Неговата јавна поддршка за за било кој кандидат може да биде предност за тој кандидат но и товар. Во таков случај нормално е и други членови на раководството јавно да кажат зошто сметаат дека некој друг од можните кандидати е посоответен избор за претседател на СДСМ. За СДСМ од најголем важност е да го надмине стравот од тоа дека ќе се распадне без Црвенковски. Секој конгрес е полагање на нов испит на зрелост.Според моја оценка сите кандидати што се споменуваат во јавноста до сега се доволно способни да се договорат меѓу себе за една продуктивна кампања од која СДСМ ќе излезе како победник и многу посилен од сега.
Press24: Дел од функционерите на СДСМ преку медиуми веќе ја пуштија во јавност идејата дека новиот Конгрес на СДСМ треба да го организира посебно тело составено од членови кои немаат амбиции да го наследат Црвенковски, а кандидатите за претседател да си формираат свои штабови и да си организираат внатрепартиска кампања. Што мислите за оваа идеја?
Спасов: Мислам дека тоа е пракса во сите демократски партии во светот. Ако СДСМ сака да организира фер и демократски избори во партијата тогаш треба да обезбеди минимум услови за тоа. Уште во времето на Јаков Лазаревски, кога последниот претседател на СКМ реши да се повлече од фунцијата и да даде можност за демократски избор меѓу можните кандидати на тогаш единствената партија, постоеше обичај да се формира Одбор за подготовки на конгресот. Во тој одбор влегуваа и угледни членови на партијата кои не беа дел од највисокото раководство на партијата. Негова задача беше да го следи процесот на евидентирањето на кандидатите и да овозможи успешно одржување на Конгресот. Откако во она време, ако се сеќавате ,ги истакнаа своите кандидатури за иден претседтел на единствената партија Петар Гошев и Михаил Данев, кои истовремено објавија и кои личности би им биле секретари доколку победат во трката за претседател, на двајацата им беше овозможено да ги престават своите идеи за иднината на партијата во општинските организации, во кои дури се гласаше за тоа кој од двајцата кандидати треба да биде подржани од нивните делегати на конгресот. На конгресот, на тајно гласање победи Петар Гошев кој доби можност од избраните членови на Централниот комитет да си предложи свој тим за идното претседателство во кои влезе и Бранко Црвенковски. Денешниов СДСМ треба да биде способен барем за исто толку демократија колку што имаше последниот состав на СКМ за чиј наследник се прогласи партијата. Оттука би било фер да им се даде можност на кандидатите за претедател на СДСМ своите погледи за иднината на СДСМ да ги претстават во една кампања во која тие ќе ја демонстрираат и својата спсобност и својата политичка култура.
Press24: Станува извесно дека Црвенковски нема да побара нов мандат бидејќи стариот му истекува. Според оние информации кои протекуваат од Бихаќка, тој и раководството нема да си поднесат оставка. Ако Црвенковски се повлекува од лидерското место, дали според вас то треба да го направи и најтесното раководство, потпретседателите, генералниот секретар...? Имаат ли овие луѓе легитимитет повторно да бараат функци во партијата?
Спасов: Според Статутот на СДСМ, ако некој од избраните функционери не си поднесе оставка или не е сменет од функцијата, тој останува на неа до избор на новото раководство, и од таа позиција нормално ќе влијае како врз евидентирањето, така и врз утврдувањето (селектирањето) на кандидатите, па и врз нивниот конечен избор. Јас не сум поборник за колективни оставки и колективна одговорност. Секој од сегашното раководство што смета дека со својата работа дал придонес за развојот на партијата или дека има сили и идеи за да го направи СДСМ посилен од сега, има право да се кандидира за било која функција. СДСМ има потреба од постојано подобрување на својот кадровски состав. Но радикалните промени што ги правеше Црвенковски во име н некои подмладување и освежување и под паролата „Бранко е добар- сите околу него не чинат“ не донесе резултат. Секоја партија има потреба од кадри кои веќе биле во претходните состави и го обезбедуваат нејзиниот политички континуитет. Луѓето во партиите а особено пратенците стекнуваат искуство, знаење и тоа партијата мора да го користи.
Press24: Очекувате ли фер избори внатре во СДСМ? Дали членството слободно ќе си го одбере новиот лидер? Веќе се зборува дека делегатите се под силно влијание на Црвенковски и дека тој сам ќе реши кој ќе биде негов наследник...
Спасов: СДСМ реално нема големо искуство во внатрепартиските избори, освен кога генерален секретар се избираше директно од конгресот од повеќе кандидати и кога се бираше претседател на СДСМ во еден кус период кога Црвенковски не беше единствен кандидат. Оттука овој процес нема да биде едноставен. Влијанието на Црвенковски во партијата е големо. Кој и да се кандидира за иден претседетел на партијата наспроти волјата на Црвенковски во овој момент има малку шанси за успех. Но, ако се дефинираат фер правила за избор на кандидати, ако на кандидатите им се даде период за нивно преставување пред членството на СДСМ и се објави јавно листата на делегатите на конгресот( бидејќи таа е еден вид избирачки список) тогаш шансите и на кандидати што не се негов личен избор нема да бидат мали. Ако Црвенковски и посакува успех на партијата треба да се погрижи на кандидатите да им обезбеди фер почетна позиција.Низ способноста да ги придобијата делегатите за својот избор, идните кандидати за претседател ќе докажат колку се способни за водење кампања и меѓу избирачите на следните избори.
Press24: Што очекувате од новиот претседател на СДСМ? Дали според Вас тој ќе може да постави нови стандарди во СДСМ, дали ќе може да се ослободи од влијанието на Црвенковски или пак ќе остане само негова сенка, како што беше случајот со претходните претседатели...
Спасов: Кога во 1991.година го предложив Црвенковски за претседател на СДСМ,впо оставката на Петар Гошев, реков дека е важно партијата да има лидер кој нема да може ВМРО ДПМНЕ да го обвинува за се што се случувало во комунизмот.Тогаш Црвенковски имаше само 29 години и како најмлад член во последниот состав на Централниот комитет на СКМ стана познат по изјавата „Со ситни души држава не се прави“. Се покажа дека тоа и не беше лош избор. Сега мислам дека на СДСМ му е потребен лидер кој нема да може да биде обвинуван за се што се случуваше во периодот на транзицијата, кој ќе биде многу потолерантен кон политичките неистомисленици, односно кој вистина ќе биде убеден дека „со ситни души држава не се прави„.
Press24:Познавајќи ја актуелната власт и праксата на 2 до 3 години да организира предвремени избори, станува извесно дека ако не до крајот на оваа, веќе следната година речиси сигурно доаѓа до ново соочување со граѓаните, овој пат на предвремени парламентарни избори, а тука, секако се и претседателските избори. Под претпоставка СДСМ да избере нови раководство кое ќе може да се ослободи од багажот на Црвенковски, ќе има ли македонската опозиција време добро да се подготви и да го победи Груевски?
Спасов: Важно е за СДСМ да почне да се подготвува за победа на изборите. Победата на Женровски во Центар, на Заев во Струмица и на Зоран Дамјановски во Куманово упатува на сознание дека победата зависи од изборот на соодветни личности, од тоа што се направиле во економијата таму кај што сте имале надлежност и од способноста да ја добиете подршката на избирачите незвисно од нивната етничка определба. Со други зборови ако СДСМ ги бира своите кандидати врз основа на реалната подршка во гласачкото тело како што беше тоа случај со Женровски, ако истакнува кандидати кои како Заев умеат економскиот развој да го стават во функција на граѓаните и ако ја следи политиката на Зоран Дамјановски во сферата на меѓуетничките односи тогаш ќе нема проблем да остварува победи и на поширок простор. СДСМ ќе треба да се научи да го почитува приодонесот на секого кој со нешто, влијае врз обликувањето на опозиционото расположение во земјата и придонесува за подигнување на демократскта свест и политичка култура.
Press24: Имавте импресивна политичка и дипломатска кариера, но последниве години, се поретко сте во јавноста. Што прави Ѓорѓи Спасов денеска, каде сте ангажирани?
Спасов: Предавам „ Политички маркетинг“ на Универзитетот Фон во Скопје. Ја завршувам студијата под наслов „Партискиот систем на Република Македонија“ која ќе излезе од печат следната година и ја подготвувам својата книга со колумни објавени последниве 5 години, која има веќе над 400 страници.
Press24: Можеме ли да ве очекуваме назад во политиката?
Спасов: Човек може активно да се занимава со политика и без да е формално носител на политичка функција. Со моите саботни колумни во „Утрински„ со моите настапи во медиумите, сметам дека доволно влијаам врз политичките настани во земјата. Човек во политиката треба да знае да се повлече пред да им здосади на сите.