Нова опрема и процедури за унапредување на работата на Здравствен дом Скопје

Функционирањето на Здравствен дом Скопје дополнително ќе се унапредува во повеќе сегменти со цел уште повеќе да се редуцира упатувањето кон повисоко ниво на здравствена заштита, односно да се овозможи што е можно повеќе пациенти потребната здравствена услуга да ја добијат во некоја од поликлиниките, поблиску до местото на живеење. Министерството за здравство во соработка со Здравствен дом Скопје ќе обезбеди нова опрема за повеќе значајни дијагностички процедури. Во ЗД Скопје ќе се работат нови дијагностички процедури кои досега воопшто или подолг временски период не се работеле, пренесе МИА.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека со зајакнување, унапредување и осовременување од аспект на опрема и доусовршување на знаењата и вештините на кадарот во Здравствен дом Скопје, овозможуваат значаен бенефит за пациентите кои ќе имаат побрз пристап до квалитетна здравствена услуга на секундарно ниво, поблиску до местото на живеење, а воедно овозможуваат бенефит и за терциерното здравство кое ќе биде порастоварено во делот на упатувања на пациенти.

- Службата за специјалистичко-консултативно здравствена заштита функционира во девет поликлиники и два заводи во кои работат 107 доктори специјалисти. Со последниот оглас на Министерството за здравство за преземање доктори-специјалисти од приватни во јавни здравствени установи, оваа установа е зајакната со 32 доктори-специјалисти од повеќе различни области. Со оваа мерка се овозможи отворање нови кабинети во рамки на поликлиниките во Драчево, Ченто, Ѓорче Петров, Бит Пазар, работење во две смени, а со тоа и намалување на времето на чекање за преглед и паралелно зголемување на бројот на извршени здравствени услуги, рече Тодоров.

Појасни дека ефектите од ова зајакнување на специјалностите во Здравствен дом Скопје се веќе видливи преку бројот на упатувања кон повисоко ниво на здравствена заштита, кој во првото полугодие од 2015 година е за околу 24 отсто помал во споредба со минатата година. Во првите шест месеци од 2014 година, истакна министерот, од ЗД Скопје се креирани 21.000 упати кон установи од повисоко ниво на здравствена заштита, додека во истиот период оваа година овој број е намален на 15.826 упатувања.

- Деталната анализа на упатувања покажа дека е најчесто упатувањето кон повисоко ниво на здравствена заштита за дијагностичките процедури: холтер- 211 упати, ехокардиографија- 1.139 упати, спирометрија- 67 упати, офталмолошки апарати- 468 упати, електромиографија- 307 упати, дензитометрија- 303 упати, електроенцефалографија- 445 упати. Токму затоа, Министерството за здравство во соработка со Здравствен дом Скопје ќе обезбеди нова опрема за сите овие дијагностички процедури, имајќи предвид дека станува збор за значајни дијагностички процедури, рече Тодоров.

Информира дека Министерството за здравство ќе отпочне постапка за набавка на нов остео-дензитометар за комплетна дијагностика на остеопороза на коските (за разлика од постојниот кој поставувал само ориентациона дијагноза – предикција на ова заболување), нов ЕЕГ апарат кој е значаен за дијагностика на повеќе невролошки заболувања, нов дигитален рентген апарат, како и 15 холтери за 24-часовна дијагностика (од кои 5 за срцева акција, 5 за притисок, 5 комбинирани).

Дополително, нагласи, Здравствен дом Скопје веќе отпочна постапка за набавка на нов ЕМГ апарат, доплер ехокардиограф, доплер апарат за испитување на периферна циркулација, холтери за 24-часовно мерење на притисок и срце, ЕХО апарат со кардиолошка и абдоминална сонда, апарат за аналгетско дејство и за разбивање на калцификати, како и Синоптофор апарат за третман на страбизам со што Кабинетот за страбизам ќе почне повторно да функционира после период од околу 10 години.

- За овие дијагностички процедури кадарот од Здравствен дом Скопје е веќе едуциран во реномирани медицински центри во Словенија, Турција, Бугарија, така што веднаш штом завршат постапките за набавка на апаратите, овие дијагностички процедури ќе почнат да се работат. Во тек е и набавка на апарат за компјутерска томографија, кој ќе биде сместен во поликлиниката „Јане Сандански“, и за таа цел веќе една докторка од поликлиниката, која е специјалист радиолог, заврши обука од оваа област во Словенија, истакна Тодоров.

Со набавката на сите овие апарати, потенцира министерот, ќе овозможиме во Здравствениот дом да почнат да се работат нови дијагностички процедури (кои досега воопшто или подолг временски период не се работеле), со што ќе се доближат овие здравствени услуги до пациентите и значително ќе се редуцира бројот на упатувања кон повисоко ниво на здравствена заштита.

Посочи дека дополнително, во претстојниот период се планира и зајакнување со други неинвазивни дијагностички процедури, како што се: гастроскопија, колоноскопија, томографија на око со OST апарат, испитувања на око и синуси со ЕХО апарати, ласер за епилација, итн., за кои дополнително ќе биде обучен кадарот.

- Во рамки на Програмата на Министерството за здравство за специјализации и супспецијализации, за потребите на Здравствен дом Скопје се предвидени 17 супспецијализации (за периодот 2015 – 2018 година) и тоа во повеќе специфични области како што се: педијатриска пулмологија, дијабетологија, неврофизиологија, клиничка имунологија и алергологија, и други, додаде Тодоров.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека менаџерскиот тим на таа јавна здравствена установа со поддршка на Министерството за здравство интензивно работи на зајакнување на ресурсите.

- Со набавка на нова опрема, со просторно уредување и со трите огласи на преземање специјалисти од ПЗУ во ЈЗУ навистина кадровски се зајакнавме со обезбедување втори смени, меѓутоа и отворање нови кабинети со главен акцент на поликлиниките кои беа најоддалечени од централното градско подрачје и на тој начин ги доближивме услугите од секундарното ниво во овие поликлиники кон местото на живеење, истакна Баевска Вучковиќ.

Таа ги презентираше статистичките податоци според кои во 2011 година биле регистрирани 380.992 услуги на ниво на секундарната специјалистичка служба, во 2014 година 452.421 услуга, што, како што укажа, е импозантна разлика во однос на доближување на услугите од секундарното ниво кон местото на живеење, а секако и растеретување на терциерното ниво. Во првите шест месеци од годинава, појасни, се регистрирани 252.826 услуги.

- Трендот ни е да ги доближуваме услугите од секундарното ниво бидејќи бенефитот е двоен како за корисникот на услугата, така и од наша страна, значи имаме поголем прилив на сопствени средства. Од вкупниот број упатени пациенти на повисоко ниво, минатата година само 10 отсто се упатени од кои три отсто се со приоритетни упати. Значи 90 отсто од пациентите се комплетно обработени на секундарно ниво во Здравствен дом Скопје, додаде Баевска Вучковиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека изминатите три дена вжештени биле линијата на Итната медицинска помош и линијата за медицински совет „Ало докторе“, но бројот на интервенции се движел од 70 до 90.

- Нема зголемен број интервенции. Главно граѓаните се јавуваат за совети и консултации кои ги добиваат на двата телефонски броја. Во однос на пунктовите кои функционираат од 7 јули кои се алатка за доближување на информацијата и значењето на почитувањето на препораките, до вчера 2.148 граѓани измериле крвен притисок од кои кај 70 е откриен првпат зголемен притисок, а само пет се упатени како итни случаи во дежурните пунктови. Вкупно 1.524 лица подигнале промотивен материјал. Имаше два колапси во саботата на јавно место, додаде Баевска Вучковиќ.

 

 

Оцени ја веста

20.07.2015 - 18:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега