Нова инвестиција: Премиерот Груевски потпиша со „ОДВ Електрик" - нови 1000 вработувања
Германска компанија планира да инвестира 15 милиони евра во Македонија, со што ќе овозможи вработување на 1000 лица.
Владата продолжува да се бори за странски капитал да инвестира во нашата држава, па така денес беше потпишан договор со германската компанија од автомобилската индустрија ОДВ Електрик, која се очекува да вработи 1000 лица.
Компанијата за производство од автомобилската индустрија веќе има вработено повеќе од 130 лица во Македонија и во Охрид, а новиот објект ќе се гради во Струга.
Вработувањето на 1000 граѓани ќе биде етапно, па до крајот на годината се очекува бројот на вработени да биде 150.
Како што пренесува Курир за премиерот Никола Груевски, бројката е секако многу важна, особено за Струга и околните населени места.
„Владата на Република Македонија и државните институции ќе останат голем партнер на челниците на оваа, како и на сите други компании заинтересирани да инвестираат во Македонија. Остануваме посветени на нови инвестиции, отворање на нови работни места, креирање на одлични услови за инвестирање и создавање на поволна бизнис клима, истакна премиерот.- Компанијата изработува разни компоненти за автомобили, а со нејзиното присуство во Македонија уште повеќе го зајакнува нашиот имиџ како земја на автомобилската индустрија“, додаде премиерот.
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, истакна дека со челниците на компанијата тој и премиерот оствариле средби на владиното роуд шоу во Штутгарт.
„Десет дена потоа претставници од компанијата дојдоа во Македонија и со нас поминаа низ технолошко-индустриските зони за лично да ги погледнат можностите за инвестирање. За две недели ќе започнат со изградба на нов капацитет, а до средината на 2016 година се очекува објектот да стане функционален и да започнат со работа“, истакна Мизо.
Челниците на ОДВ Електрик разгледувале повеќе држави како опции за своја нова инвестиција.
Меѓу сите нив ја избрале Македонија бидејќи, како што посочуваат, претставниците на македонската влада точно знаат што очекуваат инвеститорите и што им е потребно.
„Организацијата на чело со Виктор Мизо во текот на целиот процес не поддржуваше и соработуваше со нас, па постигнавме резултати подобри од во која било друга земја. Брзиот почеток на работата во веќе постоечки објект и планот за почеток во нова локација не ни беа понудени во ниту една друга земја, истакна Лудвиг Батон“, извршен директор на ОДВ Електрик.
Договорот за изградба на фабриката го потпишаа денеска во Скопје сопствениците на компанијата Кристијан Вајс и Андреа Мет и извршниот директор Лудвиг Батон со директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо во присуство на премиерот Никола Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа