ИНВЕСТИЦИСКИ БУМ: Нови фабрики, вработувања, зоната исполнета

 

Инвестициски бум во Петровец, зоната Ќојлија исполнета, се градат фабрики кои ќе отворат нови работни места.

Во посета на зоната вчера беше и премиерот Никола Груевски каде изврши увид во градежните работи за изградба на канализационен систем, но и ја посети фабриката Квенбергер која е во изградба.  

-Општината инвестира за изградба на водоводна мрежа, улиците се веќе тампонирани, ЕВН во фази пушта струја, така што работите во зоната се одвиваат добро. Во завршна фаза е новата фабрика на македонско-австриската фирма „Квенбергер“. Паралелно со неа италијанската инвестиција односно новата болница на Еуроиталија до Нова година се очекува делумно да почне со работа. Тоа ќе овозможи нови вработувања, а болницата се очекува да донесе врвна опрема и дополнителен квалитет во здравственото лекување во Македонија и во наредните години да отвори нови околу 250 работни места, истакна Груевски.

Изградбата на индустриската зона беше и ветување на изборите кое сега се остварува. 

Во индустриската зона Ќојлија во завршна фаза е и новата фабрика на македонско-австриската фирма „Квенбергер“.  Се работи за еден нов логистички центар наменет пред се за компаниите од автомобилската и малопродажна индустрија. Капацитетот се простира на површина од 24.000 метри квадратни. Самата логистичка хала ќе биде со капацитет од 8.000 метри квадратни и административен дел од 1.200 метри квадратни,

Трајан Ангелов, управител на „Квенбергер логистик Македонија“ вели дека во индустриската зона Ќојлија идентификувале поволна можност, односно раскрсница од каде ќе можат да ги опслужуваат сите делови на републиката. Исто така овој логистички центар е замислен како главен логистички центар за пазарите: Македонија, Косово и Албанија.

-Во поглед на условите кои што ги создаде општина Петровец , со патната инфраструктура, струја, вода, канализација, за нас и тоа беше пресудно за да донесеме одлука овде да се позиционираме со новиот логистички центар, вели Ангелов.

Ќе бидат отворени 65 работи места од кои дел ќе се префрлат во логистичкиот центар, како и отворање на нови 80 работи места. Целокупната инвестиција е околу 3,5 милиони евра.

-Се очекува во октомври, најкасно до ноември да се започне со внесување на роба во логистичкиот центар. Официјално целокупните градежни активности очекуваме да бидат завршени до крајот на годината, додава тој. 

Градоначалникот на општина Петровец каде е лоцирана индустриската зона Ќојлија, Борче Митевски истакна дека отвореноста на општината, комуналиите го дале резултатот и во моментов се продадени 77 парцели од зоната.

-Од тие 77 парцели, 72 се Г2 што значи лесна незагадувачка индустрија што значи дека секаков вид на производство може да се произведува, две парцели се за бензиски пумпи, три парцели се продадени за хотели. Со проширувањето на зоната уште нови 30 инвеститори треба да влезат во Ќојлија, вели Митевски.

Градоначалникот на Петровец посочува дека со продажбата на парцелите од индустриската зона и почетокот на изградбата на дел од фабрики, се чувствува атмосферата на вработување во општината.

 

-Имаме голем број на вработени досега, но очекувам за две години општина Петровец да нема невработен човек, додава Митевски.  

 

 

Оцени ја веста

16.08.2015 - 14:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега