„Македонија вработува“ дава резултат: Добро осмислен проект за сите старосни групи
Преку проектот „Македонија вработува“ досега се вработени 4.622 лица. Компаниите ги користат мерките и поволностите, а според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески проектот е добро осмислен со кој се опфатени сите старосни групи кои се без работа.
- Проектот Македонија вработува е еден добро осмислен проект, во кој што ги опфативме сите старосни групи на граѓани кои се без работа. Тој е наменет и за младите, но и за постарите, односно за оние кои без тој проект можеби никогаш не би добиле шанса за работа. Имено, за секоја категорија од овие граѓани ние даваме поволности, во смисла на тоа дека работодавачот што ќе ангажира невработени лица, извесен број години меѓу три и пет нема да плаќа придонеси за здравствено и придонеси за пензиско осигурување. Тоа се значителни заштеди за работодавачите и затоа фирмите се одлучуваат да ангажираат лица, вели вицепремиерот Зоран Ставрески.
Тој додава дека досега околу 4.620 лица се ангажирани преку овој проект, за неполни четири месеци, што покажува дека проектот е вистински погодок и дека може да се очекува во текот на 12-те месеци од неговата реализација, колку што е предвидено да трае, да се ангажираат некаде до 20.000 лица, кои досега биле невработени, да најдат работа, да им се подобри животот, да им се промени судбината едноставно.
Министерот оценува дека особено е значајно што кај досега ангажираните лица има и со над 50-годишна возраст, односно 750 се меѓу 50 и 58 години и околу 250 над 58-годишна возраст. - Тоа се луѓе кои некогаш работеле и нивните фирми пропаднале или отишле во стечај или нешто друго се случило и кои изгубиле надеж дека ќе бидат вработени, а имаат знаење, имаат способности, имаат вештина. Сега им се овозможува на фирмите со заштеда, преку оваа мерка на државата да ги ангажираат тие лица, вели Ставрески.
Проектот, како што додава, дава ефекти и кај младите, бидејќи вработени се над 2.000 млади лица до 35-годишна возраст преку овој проект „Македонија вработува“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа