Успешна економска политика: Нови странски инвестиции, нови работни места
Добрата бизнис клима и посветеноста на владата во остварување на целите и понатаму претставува магнет за привлекување странски директни инвестиции, кои пак го зголемуваат извозот и отвораат нови работни места. Во следните две до три години странските директни инвестиции во земјава ќе креираат над 30.000 работни места, објави Меѓународниот монетарен фонд во својот последен извештај. Оваа прогноза на монетарците, според експертите ја потврдува успешноста на економските политики кои ги води Владата на РМ, пишува Лидер.
За македонската Влада приоритет останува намалувањето на невработеноста. Аналитичарите на ММФ во извештајот забележуваат дека стратегијата за намалување на невработеноста е всушност база за целата економска политика која ја води Владата. Oд Фондот сметаат дека во мала и географски затворена економија како нашата, единствен начин за намалување на невработеноста е преку влез на инвестиции.
Веќе е докажано дека стратегијата за привлекување странски директни инвестиции на Вадата дава резултати. Понудата на одличен даночен систем и бизнис клима, како и потребната работна сила се полн погодок за инвеститорите. Дополнително, инвестициите во инфраструктурата, како и геостратегиската положба, прават странските инвеститори во Македонија да гледаат совршена дестинација за својот бизнис.
Највисок раст во регионот, најниска задолженост во Европа
Поради успехот со привлекувањето на странските инвеститори, но и целата економска политика во земјава, Македонија забележа највисок економски раст во регионот. Ова го потврдија и монетарците. Минатата година Македонија забележа највисок раст во регионот со стапка од 3,8 отсто пораст на БДП. За оваа година Фондот проектира раст од 3,2 отсто, што е близу до проектираниот раст од страна на Владата. Како што забележуваат од ММФ, квалитетот на економските проекции на Владата е видливо подобрен и дека во последните две години немало отстапки од она што го планирала Владата на макроекономски план и она што го реализирала.
Според монетарците, Владата останува посветена на стабилната фискална политика и дека стабилното управување со јавните финансии е топ приоритет на Владата. Како што се наведува во извештајот, Македонија со јавен долг од 43,7 отсто и државен долг од 36,1 отсто е меѓу најмалку задолжените земји во Европа. Истакнато е и дека долгот е резултат на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти како патна и железничка инфраструктура, енергетика и здравство, што понатаму ќе генерира раст на економијата и ќе влијае на намалување на невработеноста. За банкарскиот систем, аналитичарите на ММФ сметаат дека е добро капитализиран, обезбеден со домашни депозити.
Македонија меѓу лидерите според Дуинг бизнис и Светска банка
Девет години по ред Македонија е меѓу лидерите во светот според Дуинг бизнис на Светска банка, стои во извештајот на ММФ. Освен добрите услови за странските инвеститори, аналитичарите на ММФ ги нотираат и мерките кои се носaт за подобрување на условите за домашните компании, како олабавување на казнената политика и пристапот до евтини кредити од ЕИБ.
Пофалби добива и Фондот за иновации и технологии, кој стартува со работа на почетокот од годинава, а за кој ММФ смета дека ќе го зајакне иновативниот капацитет на македонската економија. Од ММФ оценуваат дека тој ќе придонесе за креирање нови бизниси и работни места, особено за млади и високо квалификувани кадри.
Извозот од зоните руши рекорди
Извозот на компаниите кои функционираат во зоните континуирано руши рекорди. Според директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо во првите седум месеци од годинава извозот од зоните изнесува 820 милиони евра и е поголем за 25% во однос на истиот период лани. До крајот на годинава се очекува за над 15 % поголем извоз во однос на претходната година.
Паралелно со растот на извозот, се забележува и континуиран раст на креираните работни места. За 2015 година проектирана е бројка од околу 5.000 реализирани вработувања во компаниите лоцирани во зоните. Според прогнозите на ММФ, за две до три години во зоните ќе се отворат повеќе од 30.000 нови работни места.
Во неодамнешното истражување на реномираната консултантска куќа „Ернест и Јанг“ за новоотворени работни места од странски инвеститори, Македонија се најде во топ 15 држави и тоа со најголем напредок. Растот изнесува 223%, односно од 1.556 работни места кои странците ги креирале во 2013-та година, лани е достигната бројка од 5.020.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа