Грижата на дело: Ставрески најави крупен проект во Свети Николе
Со 47 милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги се обновуваат главните сообраќајници во Свети Николе. Следната година нови 25 милиони евра ќе им бидат ставени на располагање на општините за капитални проекти преку МСИП.
Денеска во Свети Николе почнаа реконструкција на две најголеми улици, која се реализира преку заем од Светска банка, а е во рамки на подобрување на општински услуги МСИП на Министерството за финансии.
На означувањето на почетокот присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот Зоран Тасев и на пратеничката во Собранието на РМ Благица Ласовска.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека проектот е вреден 47 милиони денари, со кои е предвидено да се реконструираат улиците „Крсте Мисирков“ и „Младинска“ на кои живеат 40 отсто од населението во Свети Николе.
- Почнуваме со еден крупен проект, а тоа е реконструкцијата на улиците „Младинска“ и „Крсте Мисирков“ со цел да се подобрат условите за живот на граѓаните. Тоа е проект кој се реализира благодарение со Светска банка со буџет од 47 милиони денари, а Владата овде беше да помогне во тоа да го направи проектот. Морам да кажам дека досега преку проектот МСИП имаме реализирано 59 проекти во околу 40-ина општини во земјава. Досега преку овој проект се распределени 40 милиони евра низ општините со кои се решаваат големи инфраструктурни проблеми, изградба на водоводи, канализации, реновирање на училишта, изградба на спортски сали и решавање на други инфраструктурни проблеми. Додатно во текот на годината на општините ќе им бидат на располагање и 20 милиони евра како грант, а во 2016 ќе имаме дополнителни 25 милиони евра за изградба на водоводи, канализации и решавање на други инфраструктурни проекти, рече Ставрески.
Градоначалникот на Општина Свети Николе Зоран Тасев истакна дека ова е еден од најголемите проекти што се реализираат во општината Свети Николе.
- Благодарение на Владата, на премиерот Никола Груевски и секако на вицепремиерот Ставрески обезбедени се средства за реализација на еден од најкапиталните проекти за подобрување на условите на граѓаните во општина Свети Николе. Морам да кажам дека ветивме 122 проекти во мојата програма, додадовме уште 20 проекти и веќе реализираме 90 проценти од проектите, односно некои од нив се почнати, а некои реализирани. Општина Свети Николе досега реализираше проекти во вредност од 70 милиони денари при што се заменети голем број на застарени водоводни мрежи, канализациски мрежи, а изградени се и онаму каде што немало атмосферски канализациски мрежи, а што е најзначајно за Свети Николе обезбеден и озонаторот на филтер-станицата, рече Тасев.
Вицепремиерот Зоран Ставрески и градоначалникот Тасев денеска го посетија и манастирот посветен на Пресвета Богородица во месноста Ѓуриште каде што имаше средба со граѓаните.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа