Ставрески: Странските инвестиции и „Македонија вработува“ отворија 20.000 работни места

 

Со овозможување добри услови за бизнис за странските инвеститори и за домашните фирми, стапката на невработеност во Република Македонија е намалена од 38 на 26,8 проценти, што е одличен резултат особено зашто е постигнат во услови на светска економска криза, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на почетокот на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, одговарајќи на прашање на Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ за влијанието на странските инвестиции врз намалување на невработеноста во државата.

Тој истакна дека Владата креира услови за бизнис и за странските инвеститори и за домашните компании, а овие ги стимулира и со низа мерки и проекти, меѓу кои и најновиот „Македонија вработува“ преку кој за само пет месеци се вработиле 6.200 лица. Со овој проект им се овозможи на фирмите да вработат лица со пониски трошоци, односно со избегнување на трошоците за плаќање придонеси.

Зборувајќи за домашните фирми, тој потсети на реформите кои се направени во изминатите девет години, како намалувањето на даноците и нивно одржување на најниско ниво во светот (Македонија со ефективна даночна стапка од 7,4 проценти е земја со најниски даноци во светот), Регулаторната гилотина со која се подобри бизнис-климата и се укинаа голем број административни бариери, откуп на земјиште по поволни цени за фирмите, одржување на инфраструктурните услови преку изградба и реконструкција на патишта. Проекти во корист на домашните компании се реализираат и преку Фондот за иниовации, Македонската банка за поддршка на развојот.... 

- Кога станува збор за странските компании, нивното влијание е повеќекратно, пред се, во воведување нови технологии и производство на производи  кои имаат повисока додатна вредност, пренесување на знаењето врз домашните компании кои соработуваат со странските компании, зголемување на извозот и производството од РМ, но и вработеноста. Досега компаниите кои се во ТИРЗ-овите или во индустриските зони имаат реализирано 13.441 вработување, а тоа се исто толку семејства за кои е обезбедена егзистенција кои без овие странски компании многу потешко би нашле работа. Значајно за овие работни места е што овозможуваат вработување на луѓе и со средно училиште и стручно образование, но и со високо образование, истакна Ставрески.

Тој ги наброи најголемите работодавачи во Македонија меѓу странските инвеститори: „Дрекселрмаер“ во Кавадарци со реализирани 5.358 работни места; „Кромберг и Шуберт“ во Битола со 2.091 места; „Џонсон контролс“ во Штип со 1.628; „Ван Хол“ со 636; „Џонсон Мети“ со 621 работно место; „Амфенол“ со 484... 

Нагласи дека бројот на вработувања во овие компании и во нови инвестиции и натаму ќе расте, зашто има најави во компании кои сега се во изградба. Ја посочи „ОДВ Електрик“ во Охрид за која вчера беше поставен камен-темелник и ќе заврши до средината на 2016 година. Според бизнис-планот, рече Ставрески, таму се планирани околу илјада вработувања, а 87 се првично реализирани и се испратени лица на обука во погоните на оваа компанија во други земји. 

Илјада вработувања се предвидени и во „Ки сејфти системс (ККС)“ во Кичево, кој е во напредна фаза на изградба, 500 вработувања во „Техникал текстаил“  во Штип, а од нив скоро 100 се веќе реализирани, „Маркард“ во Велес, која ќе почне во октомври, со 600 вработувања, во „Гентерм“ во Прилеп ќе има две илјади вработувања, а во оваа фаза вработени се 345 лица и некои се на обука.

Спомна и други инвеститори, како најавената „Костал“ од Германија која ќе инвестира во Охрид, италијанската „Кондево“ во Штип, инвестиција во Струмица каде ќе има околу илјада вработувања, во Тетово и во други градови, зашто една  од стратегиите на Владата е, рече Ставрески, инвестициите да бидат во градови низ цела држава, а не само во Скопје. 

- Во следните шест месеци ќе имаме близу 4.000 вработувања и во следните години ќе имаме реализација на над 20.000 вработувања согласно предвидувањата на Светска банка и на ММФ, но и на Владата на РМ врз основа на досегашните најави за инвестиции во Република Македонија. Успеавме заедно со домашните и со странските фирми, со стопанствениците, невработеноста од ниво на 38 проценти да се намали на 26,8 проценти. Но целта не е да застанеме тука, туку да продолжиме со уште поголем интензитет за намалување на невработеноста. Проекциите се дека со сите овие мерки и со проектите, посебно со „Македонија вработува“, стапката на невработеност до крајот на 2017 и почетокот на 2018 да се сведе на ниво од 22 проценти или пониско од 22 проценти, што би било извонреден резултат што ќе овозможи подобар животен стандард на граѓаните во РМ, истакна вицепремиерот Ставрески.

 

 

Оцени ја веста

23.09.2015 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега