Банките ликвидни - кредитирањето расте и кај населението и кај компаниите

 

Банките на македонскиот финансиски пазар се ликвидни. Расте кредитирањето и кон населението и кон корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на кредитирањето според последните податоци изнесува 8,8%. Според НБРМ, движењата на кредитниот пазар се поволни, а тоа придонесува кредитната активност и во иднина да расте со солидно темпо. Банкарите очекуваат засилување на кредитната активност до крајот на годината, која пак треба да се движи помеѓу 9 и 10 проценти, пренесува Лидер.

Податоците покажуваат дека граѓаните најчесто користат потрошувачки, станбени или ненаменски кредити, додека компаниите се почесто користат инвестициски кредити со кои ги унапредуваат своите бизниси. Конкуренцијата во банкарскиот сектор е силна, постојано се воведуваат иновативни производи преку кои банките го олеснуваат патот до кредитите.

-Податоците за оваа година споредено со крајот на 2014-та покажуваат околу 15 проценти раст, што е во согласност со нашите проекции. Нашите анализи покажуваат дека растот оваа година, кој патем речено е двојно поголем од растот на банкарскиот сектор во Македонија, се должи пред се на иновативните производи кои ги воведовме, со конкурентните услови со кои настапуваме на пазарот, вели Маја Палчевска, регионален директор во Шпаркасе банка.

Банките имаат пари. Подготвени се да ги пратат компаниите и да обезбедат доволно финансиски средства. Интерес за кредити има од прехранбената индустрија од земјоделството, преработувачката индустрија.

-Соработката на банкарскиот и бизнис секторот е стандардно добра. Иако кредитирањето последните години повеќе беше насочено кон населението, сеуште 56% од кредитниот потенцијал е кај фирмите. Постои можност тој процент на кредитирање да се зголеми, имено на европско ниво процентот на интермедијација е 100%, а во Македонија е 48%, што значи со развој на економијата има поголем потенцијал за кредитирање, вели во интервју за емисијата Бизнис 365 на МРТ, Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Здружението на банкари при Стопанската комора.

Компаниите почесто бараат инвестициски кредити

 

Компаниите сѐ поретко бараат кредити за обртни средства. Познавачите на банкарскиот сектор велат дека фирмите сѐ повеќе се насочуваат кон инвестициони кредити, со кои влегуваат во нови бизниси или го прошируваат постоечкиот.

-Оваа година има мало подобрување, фирмите почнуваат од банките да земаат и инвестициони кредити, со цел да влезат во нови бизниси, да го прошират постоечкиот бизнис, забележителни се проектите кај енергетската ефикасност и кај обновливите извори на енергија. Има некое придвижување, сеуште не е големо ако се земе в предвид дека рецесијата во светот сеуште трае, имаме политичка криза која е пред разрешница, има криза во Грција, така што и овие бројки, оваа макроекономска стабилност која ја имаме на некој начин е и високо достигнување, објаснува Јанчевски.

Дека интересот за кредити кај претпријатијата е позитивен, посебно во вториот квартал, потврдуваат и од ПроКредит банка.

„Од почетокот на годинава, па заклучно со јули 2015-та година бележиме многу добар пораст во кредитирањето, се работи за пораст од 8,6 проценти. Претпријатијата најчесто бараат кредити за краткорочна ликвидност, за обртни средства, за фиксни средства“, вели Билјана Северинова, раководител на маркетинг сектор на ПроКредит банка.

Банкарите велат дека и нефункционалните кредити остана од прилика на исто ниво- 11,3%, што значи дека оној тренд на благ пораст на нефункционалните кредити ова година запре.

Расте и штедењето

Расте штедењето на населението и на приватниот сектор. Според најновите податоци на Народната банка, заклучно со август, вкупното салдо на депозитната база изнесувало над 4 милјради 730 илјади, и во однос на јули е регистриран пораст.

Во август има раст и кај денарското и кај штедењето во странска валута- 60 насто е во денари. За осум месеци, или од јануари до крајот на август, депозитната база е зголемена за 60 милиони евра

 

 

Оцени ја веста

27.09.2015 - 10:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега