ФОТО: Отворена саемската манифестација „ТЕХНОМА 2015"
Не постои конкурентност на држави, туку постои конкурентност на компании, а збирот на конкурентноста на компаниите кои се во една држава всушност го дефинира и стпенот на конкурентност на таа држава.
Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на официјалното отворањето на 41. Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обебедување и заштита - ТЕХНОМА 2015, кој го оцени како саемска манифестација што ја промовира иновативноста и занењето кои се основа за подобрување на конкурентноста.
- Сите напори кои ги прави Владата за подобрување на конкурентоста би биле залудни доколку компаниите кои се во земјава не ги користат тие можности и не инвестираат и самите во подобрување на својата технолошка спремност на нивото на иновации и нивното стимулирање, на соработката со факултетите и науката,... Со еден збор користење на сите инструменти што ги дава Владата за да ја постигнеме конечната цел, а тоа е подобри компании, зголемена конкурентност за државата и подобар животен стандард за сите, рече Пешевски.
Тој истакна дека животниот стандард на една држава зависи директно од тоа колку е таа конкурнетна.
- Едно од мерилата на конкурентност е нејзината способност да извезува, но да извезува производи со голем степен на додадена вредност. За да имаме голем стпен на додадена вредност на нашите производи потребно е во нив да вградуваме знаење, но и новини, односно иновации. Токму саемот денеска е посветен на таа тема, рече Пешевски.
Изрази надеж дека голем дел од македонските компании кои се присутни на саемот ќе ги искористат можностите кои ги дава Владата преку Фондот за иновации и технолошки развој со цел да ја подобрат конкурнтноста, иновативноста и животниот стандард на луѓето.
Потсети дека како резултат на политиките и систематскиот пристап на Владата, институцииите и приватниот сектор од 2007 година наваму Македонија за 34 позиции го подобри степенот на конкурентност.
- Во 2007 година Македонија од страна на Светскиот економски форум беше рангирана на 94. место по степенот на конкурентност, а со последниот извештај што излезе годинава е на 60. место што е подобрување за 34 позиции. Не постои земја во Европа која во овој временски период постигнала вакво подобрување на својот индекс на конкурентност што значи дека се работи во вистинска насока, потенцира Пешевски.
Најголемите подобрувања, прецизира, Македонија ги бележи во делот на иновации и софистицираност, што, како што рече, е еден од трите столбови по кои што се мери конкурентноста.
- Само во последните три години во овој столб подобрувањето е за над 20 позици, а минатата година за 14 позиции. Тоа е резултат на низа мерки што се спроведени во изминатиот период и кои ќе продолжат да се спроведуваат и во иднина, рече Пешевски.
Извршниот директор на Скопски саем Даниела Глигоровска нагласи дека ТЕХНОМА е една од најстарите бизнис ориентирани саемски манифестации во Македонија, која, како што посочи, е непресушен извор што носи нов бран на меѓурегионален развој и создавање на поволна бизнис клима во земјава и регионот.
- Во наредните четири дена ТЕХНОМА ќе понуди богата содржина и се надевам продлабочување на постоечките и создавање на нови бизнис реалции, рече Глигоровска, нагласувајќи дека во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој годинава е организиран и Форум за иновации и технологии со посебен акцент на финасирање на иновацииите, соработки за развој на иновации и на секторските пристапи во трансферот на технологиите.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска рече дека Форумот за иновации и технологии ќе биде простор на кој ќе се сретнат науката и индустријата, односно ќе овозможи научно-истржувачките институции и претпријатијата да имаат можност да дискутираат за можни иновативни проекти и заеднички да аплицираат за средства до Фондот за иновации.
- Во моментов е актуелен отворениот повик за трите инструменти за поддршка на Фондот во износ од 1,3 милиони евра. Рокот за аплицирање е до 21 октомври. Се надевам дека ќе имаме интерес и голем број на апликации со интересни предлог проекти, рече Поповска.
Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска изјави дека македонските компании се иноватвни, но додаде дека во изминатите години се соочуваа со недостаток на средства за да ги реализираат своите иновации и да инвестираат во иновативните сегменти.
- Со помош на Владата и Комората во изминатата година 16. компании кои аплицираа на првиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој сега продолжуваат со своите успешни приказни. Се надевам дека и вториот повик на Фондот ќе биде успешен, рече Арсовска.
На 41. издание на ТЕХНОМА најавено е учество на повеќе од 185 изложувачи од кои 50 од странство, а за првпат годинава ќе се претстават и компании од Тајван. За време на ТЕХНОМА ќе бидат отворени и 35. Меѓународна изложба на иновации „Макинова“ и 16. Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа