Ставрески: Со пакет од 11 мерки на малите и средните фирми им пласираме стотици милиони евра годишно

 

Пакетот за мали и средни претпријатија што го спроведува Владата на Република Македонија содржи 11 мерки кои на фирмите годишно им носат стотици милиони евра олеснување. Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска на амандманската расправа за Буџетот во Комисијата за финансирање и буџет.

Ставрески истакна дека приходната, а не расходната страна на буџетот е таа што ја дава најсилната поддршка на малите и средните претпријатија.

- Даночната стапка во Република Македонија е најниска во светот со ефективна стапка од 7,4 отсто. Таа ја уживаат сите мали и средни претпријатија. Тоа значи дека преку ниските даноци малите и средни претпријатија добиваат стотици милиони евра годишно. Тоа што тие го остваруваат како профит во нивното работење не им се одзема од државата, па државата преку распеределба да им го враќа назад што е посложено и понеефикасно, туку им останува сами да го раководат, рече Ставрески и додаде дека за микро и малите фирми од 2011 година даночната стапка изнесува 0 отсто.

Ставрески посочи и дека ДДВ-то е намалено од 18 на 5 отсто за преку 15 видови производи.

- Царинските стапки се меѓу најниските во регионот. Пондерираната царинска стапка е 1,75 отсто и е за 50 отсто пониска во однос на 2006 година. Преку 12 милиони евра годишно се поддржуваат македонските фирми со намалувањето на царинските стапки секоја година – тоа се 108 милиони евра само по овој основ, рече Ставрески.

Како што посочи вицепремиерот, пристапот до финансиски средства на малите и средните претпријатија е најголемиот проблем кој го имаат овие компании.

- Затоа ние обезбедивме кредитна линија од Европската инвестициска банка уште на почетокот на кризата во износ од 350 милиони евра само за малите и средни претпријатија, од кои 319 милиони евра се веќе искористени. Нив ги ползувале 1.583 македонски мали и средни претпријатија кои овие пари ги инвестираа во проекти што резултираше со отварање на 6.441 работни места, истакна Ставрески.

Како што рече тој и мерката Отпис на камати го искористиле голем број фирми, кога 2012 година на фирмите им е дадена можност за отпис на камати, доколку заостанатиот долг по основ на главницата го исплатат навреме.

Ставрески посочи дека за малите и средните фирми  е наменето и олабавувањето на казнената политика. Со измените на законите кои се направени македонските претпријатија да бидат сразмерно казнувани согласно големината на фирмата и можностите, а малите и средни претпријатија ќе имаат најголемо намалување на казните.

Како што истакна министерот, проектите како „Македонија вработува“ и слични, каде државата им овозможува на фирмите да не плаќаат придонеси во рок од 5 години ако вработат лице се исто така наменети за малите и средни претпријатија.

- Тоа значи дека преку ваквите мерки фирмата добива поддршка од државата 1000, 2000, 5000 евра за да вработи лице за кое во спротивно доколку ја немаше оваа мерка ќе требаше да платат придонеси и тоа ќе ги зголемеше нивните трошоци. Досега, за 5 месеци 7.374 лица се вработени преку проектот Македонија вработува, вели Ставрески.        

Преку проектот Купи куќа, купи стан градежните фирми, дел од нив исто така мали и средни, имаа можност да пласираат станови кои без тој проект немаше да се продадат веројаттно или потешко ќе се продадеа, рече Ставрески. Вкупно во тој проект државата вложи 4 милиони евра, а вкупниот обем на банкарски кредити е 22 милиони евра.

Мали и средни фирми кои произведуваат во секторот на мало стопанство изминативе години работат како изведувачи на разни градежни зафати на инфраструктурни проекти и на тој начин се обезбеди работа и опстанок за истите, а за некои дури и можност за развој, рече Ставрески.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека она што е најважно за малиот бизнис е да имате едноставни процедури, да имате помали цени за услугите на Катастарот и сл. - Со Регулаторната гилотина од 94 место ја донесовме Македонија на 30. место во светот. Тоа е успех, најдобри сме во регионот на тој дел и тоа покажува дека се грижиме за бизнис амбиентот за малите и средни претпријатија во Република Македонија, рече Ставрески.

Министерот како уште една мерка за поддршка на малите и средните претпријатија го наведе Фондот за иновации. Оваа година тој фонд располага со 2,5 милиони евра, а на првиот јавен повик на кој се пријавиле 78 фирми.

Мерката консултација со странски експерти досега успеале да ја искористат 110 мали и средни претпријатија.

Министерството за финансии преку Управата за имотно правни работи ги посетува домашните компании и со поддршка на стопанските комори ги решава нивните имотно-правни проблеми, додаде Ставрески. Досега 205 компании се пријавиле за решавање на имотно правни проблеми,

-  Одиме од случај до случај и ги решаваме и веќе половина од нив се решени. Имаше случаи кои беа доста тешки, но со помош на Управата сега се решени, рече Ставрески.

Исто така преку проектот „Учиме од бизнис заедницата“ кој го води вицепремиерот Пешевски посетени се 507 компании.

Ставрески рече и дека Владата овозможила на сите фирми да го откупат државното земјиште по поволни цени и 2.500 претпријатија во Република Македонија досега ја искористија оваа можност.

 

 

Оцени ја веста

19.10.2015 - 15:09
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега