Во Македонија се регистрира фирма најбрзо во Европа

 

Регистрацијата на фирма во Централниот регистар на Република Македонија, по уредно поднесена документација сега се врши само за два часа. 

Андреа Поповски в.д. директор на Централен регистра на Република Македонија истакна дека со реформите што ги направи Владата од 2006/2007 година значително се поедностави постапката и се скрати времето за регистрација на фирма во Централниот регистар. Ова, како што рече, се однесува на измените во Законот за трговски друштва, во Законот за едношалтерски систем, за водењето на Трговскиот регистар и за регистарот на други правни лица. 

Поповски истакна дека со реализацијата на проектот „Едношалтерски систем“ втора фаза, Централниот регистар го воспостави системот за е-регистрација. Така целокупниот процес за регистрација од март досега оди електронски преку тој систем.

- Ако на времето беа потребни неколку дена, па и месеци за регистрација на фирма, во моментов во Централниот регистар времето потребно за регистрација на фирма по уредно поднесена документација е само неколку часа. Паралелно на ова следеа и неколку други законски измени, како исфрлување на печатот од задолжителна употреба во правниот промет и воведувањето на категоријата регистрациони агенти, потенцира Поповски. 

Тој појасни дека законскиот максимум од поднесување на документите за регистрација во Централниот регистар до издавање решение за упис е четири часа. Реално, како што рече, тоа е многу помалку и според нашата евиденција, по поднесување на документацијата ние реално целокупната регистрација ја вршиме за два часа.

Почнувајќи од март 2014 година, како што рече, регистрацијата на форма во Централниот регистар оди исклучиво електронски и преку регистрационен агент.

- На почетокот почнавме со сметководителите како овластени подносители кои со закон се стекнаа со јавно овластување за да вршат идентификација на подносителите, односно учесниците во постапката и да вршат конвертирање на документите, од хартиена во електронска форма, рече Поповски. 

Во моментов, со новите законски измени категоријата регистрационен агент е проширена со воведување нова професионална заедница - адвокатите. 

- Централниот регистар во моментов има 450 регистрациони агенти кои се распространети во сите поголеми градови и помали населени места во Република Македонија. Така добиваме можност и од помалите места да се поднесе, односно да се регистрира фирма без да се доаѓа во некоја од канцелариите на Централниот регистар, нагласи Поповски.

Централниот регистар досега има извршено обуки за 650 адвокати, кои со законските измени стапуваат во сила од 1-ви ноември годинава. Има пријавено уште 250 адвокати за кои ќе има обука во наредните месеци. 

Поповски истакна дека пристапиле кон изменување на тарифата на Централниот регистар. Надоместокот кој порано беше потребен за да се уплати за регистрација на фирма, односно за упис за основање на фирма сега е  нула денари. 

Овластениот сметководител Драган Митковски изјави дека сметководствената фела е задоволна од измените на законите кои, како што рече, доведоа до многу едноставна регистрација на фирмите во Централниот регистар на Република Македонија.

- Ние во Македонија може да се пофалиме дека со другите држави во регионот ние најбргу регистрираме фирма, рече Митковски. 

Со најновите измени, овластените сметководители добија јавни овластувања со кои може да регистрираат правни лица.

- Од март 2014 година досега имаме 450 регистрациони агенти на територија на цела Македонија со што значително е олеснета регистрацијата на првно лице, која се сведува на неколку часа во текот на денот. Доколку наутро ги поднесеме документите, ако се уредно поднесени, во текот на денот ќе бидат готови. Се надеваме дека со ова ќе озвоможиме уште подобра бизнис клима за луѓето што сакаат да отвораат фирми и да работат во нашата држава, рече Митковски.

МИА

 
 
25.10.2015 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега