Љубе Затевски сведочи за пеколната ноќ во Париз: Се плашевме за нашиот внук

Македонецот Љубе Затевски кој долго време живее во Франција сведочи за масакрот во Париз, пишува Нова Македонија.

– Што да ви кажам друго. Сите сме потресени, исплашени, вознемирени. Бевме дома во петокот вечер со сопругата и ништо не навестуваше дека ќе имаме немирна вечер. Внукот од ќерката беше излезен со друштвото во Десеттиот кварт и изгледаше дека ќе биде сосема нормално излегување, како и многупати пред тоа. Но малку подоцна, кога телевизиите почнаа да ја прекинуваат програмата и да емитуваат снимки од местата на кои дојде до нападите на терористите, сфативме дека тој е само на 500 метри од епицентарот на случувањата. Тие неколку минути додека да го слушнеме на телефон мислам дека траеја вечно. За среќа, 18- годишното момче беше на сигурно, на домашна забава кај еден од другарите, и нѐ информира дека се блокирани во зградата каде што се собрани, не можат да излегуваат надвор од неа, но дека внатре се безбедни и ќе го чекаат развојот на настаните. Подоцна, кога завршија нападите, тој нѐ информира дека сепак ќе остане да преспие во станот каде што се беа собрале, за да не се изложува на непотребен ризик – Љубе се потсетува на петочната вечер.

Сега, кога веќе минаа неколку дена, Златевски се потсетува дека тие дома биле крајно загрижени, што е и нормално, но најважно е што внукот се вратил жив и здрав, бидејќи се наоѓал многу блиску до жариштето на крвавите настани што го потресоа светот.

– Веќе во саботата наутро имавме многу појасна слика за она што се случило вечерта. Во согласност со препораките на Владата, никој не излегуваше од дома и улиците беа застрашувачки празни. Знаете, ние живееме на Пигал, тука е и Монмартр, места во кои вообичаено врие од туристи. Овој пат таа слика ја немаше, во саботата и во неделата градот беше мртов. Толку години сум во Париз, досега не сум го видел градот ваков – објаснува Златевски.

 

 

ИЗВОР: НОВА МАКЕДОНИЈА

 
 
18.11.2015 - 19:27
Фото: 
Нова Македонија

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега