Расправата за буџетот продолжува утре

Пратениците и на третиот ден од собраниската расправа за Буџетот се конфронтираа и изнесуваа дијаметрално спротивни ставови.

ВМРО-ДПМНЕ го повтори клучниот аргумент дека проекциите имаат изразено развојна компонента која ќе придонесе за подобар и поквалитетен живот на граѓаните, додека опозицијата побара власта конкретно да образложи за што точно ќе се трошат државните пари.

- Македонскиот народ треба да го разбере Буџетот. Затоа едноставно кажете како и за што ќе ги трошите парите. Се трудите да ја смените структурата на македонската економија ама не кажувате дека тоа го правите на штета на граѓаните, зборувате за намалување на невработеноста, а 250.000 граѓани не се евидентирани, не го стимулирате извозот, странските инвестиции не го даваат најавуваниот ефект, малите и средните претпријатија не добиваат доволно поддршка, истакна Љубомир Јосифовски од НСДП. 

Реплицираше Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи го Јосифовски зошто во времето кога опозицијата беше на власт БДП изнесуваше четири милијарди евра, а денес е девет милијарди и зошто извозот тогаш бил 1,2 милијарда денари, а сега е 4,5 милијарди.

- Факт е дека се создадени подобри услови за работа на малите и средните претпријатија и дека странските инвестиции придонесуваат за раст на економијата, посочи Мукоски.

Илија Димовски му порача на Јосифовски дека не може да негира фабрики во Велес, Охрид, Струга, Прилеп, Битола, Штип, Кочани, Скопје, Сструмица,... Во 2006 година, рече, 566.000 луѓе оделе на работа од кои 11 отсто не зимале плата, а денеска 699.000 одат на работа и процентот на оние што не земаат плата е под еден. 

Добро е, додаде Димитар Стеванаџија, што во лексиконот на опозицијата веќе се присутни зборовите инвестиции, субвенции и ТИРЗ кои Јосифовски во дискусијата ги употреби 40 пати. - Од вашиот говор единствено сфатив дека сте против домашните фирми, против инфраструктурниот бум, против инвестициите во здравството и образованието, против субвенциите во земјоделството,..., нагласи Стеванаџија, обраќајки му се на Јосифовски.

Се надоврза Светлана Карапетрова со констатација дека опозицијата има негаторски однос кон се што се прави за подобрување на стандардот на граѓаните. Нема, рече, да ви дозволиме да ги избркате странските инвеститори кои на 500 домашни компании, угостителски објекти, занаетчии,..., им овозможија интензивно да работат.

- Првпат во Македонија се отворија 140.000 нови вработувања, а невработеноста и натаму ќе паѓа и ќе ја сведеме на 22 отсто во 2016 година. Благодарение на владините проекти градежништвото успеа да остане на нозе, а со огромната поддршка на Владата во делот на даноците, придонесите,..., малите бизниси и натаму се шират, посочи Карапетрова.

Во текот на расправата пратениците спореа околу состојбите во енергетиката, земјоделството, здравството,...

Седницата ќе продолжи утре во 12 часот.

 
 
18.11.2015 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега