Тодоров: Сите прегледи за бремените жени и породувањето ќе бидат бесплатни

Сите гинеколошки прегледи, микробиолошки прегледи, биохемиски анализи вклучувајќи го и самото породување ќе бидат бесплатни за секоја бремена жена државјанин на Македонија без разлика дали е здравствено осигурана или не, истакна денес министерот за здравство Никола Тодоров кој додаде дека оваа мерка ќе стапи на сила од почетокот на идната година.

Тој посочи дека со цел намалување на трудничкиот морталитет донесени се пакет мерки. Оваа мерка има за цел рано и навремено откривање на проблеми во бременоста и навремена реакција, како и подигнување на свеста кај бремените жени за редовни прегледи. Тодоров посочи дека бесплатните прегледи ќе бидат од голема корист и за бремените жени од социјално ранливите групи, како и за жените од ромска националност кои во голем дел немаат матичен гинеколог.

Согласно податоците од Заводот за мајки и деца во 2014-та година од 23.500 бремени жени само 15.194 се јавиле кај матичен гинеколог, од кои 7.622 тоа го сториле во првите три месеци од бременоста, а останатите подоцна. 

 

Пакетот мерки предложен од страна на Комитетот за безбедно мајчинство во кој членуваат 10 доктори и екперти предвидува и патронажните служби во рамки на проектот Домашна визита да стават посебен акцент на бремени жени од социјално ранливите групи и бремени жени со понизок степен на образование.

-Покрај советување на жените за потреба од избор на матичен гинеколог и мерки за здрава бременост, партонажните сестри ќе закажат по најмалку еден бесплатен преглед кај гинеколог од секундарна или терциерна здравствена заштита и за истото ќе ги известат жените. Како трета мерка е обврската која им е дадена на таканаречените ромски здравствени медијатори кои ќе ги посетуваат бремените жени од ромската популација, ќе ги советуваат и ќе им закажат исто така најмалку по еден бесплатен преглед, нагласи Тодоров.

 
 
19.11.2015 - 15:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега