Одржана средба со урбаните и месни заедници во општина Карпош

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски и директорите на јавните градски претпријатија, денеска одржаа средба со претставници на урбаните и месните заедници од општина Карпош, во рамки на тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје.

Пред почетокот на средбата, градоначалниците Трајановски и Јакимовски, извршија увид во работата на терен на јавните претпријатија, кои на подрачјето на општината реализираат активности од нивна надлежност.

- Ова е редовна средба со службите на општината и претставниците на урбаните и месните заедници каде што дискутираме за работата на градската администрација и работата на јавните претпријатија. Овие 3 дена екипи на јавните претпријатија со поголем интензитет ќе работат на територијата на Општина Карпош каде што ќе извршуваат акции и работи од делокругот на нивните надлежности. На оваа средба очекуваме доста конструктивни дискусии и предлози околу функционирањето на нашите служби од урбаните и месните заедници и тие да ни дадат оцена за досегашната работа, како и насоки за понатамошното функционирање, кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Трајановски ја потенцираше одличната соработка со службите на општина Карпош и градоначалникот Јакимовски, што резултира со реализацијата на голем број  капитални проекти во оваа општина изминативе години, а се осврна и за планираните проекти кои ќе се реализираат во наредниот период.

- Наредната година ќе започне реализацијата на проектот за изградба на кружен тек на бул. „8 Септември" кај Хубо маркет, изградбата на фекална канализација на улица „Московска"  по должината на  булеварот „Партизански одреди", а во моментов се прави проект за реконструкција на булеварот „Партизански одреди" на потегот од улицата „Френклин Рузвелт" до  булеварот „8 Септември", изјави градоначалникот Трајановски.

 
 
19.11.2015 - 17:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега