Туризмот со двоцифрена стапка на раст

Во трите квартали од 2015-та година, бројот на туристи во Македонија е зголемен за 11,2 процента. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од јануари до септември годинава, во земјава се регистрирани за 5,6 проценти повеќе домашни гости и за 15,4 проценти повеќе странски посетители.  Во деветте месеци, Македонија ја посетиле вкупно 672 илјади 286 туристи, пишува Лидер.

Во исто време, охрабрува фактот што туристите во земјава се задржувале на подолг период, сигнал дека туристичката понуда се збогатила, па оттука и бројот на ноќевања во деветте месеци од годинава се зголемил за 9,1 процент, со позитива од 13,4 проценти во делот на странските туристи.

Како се движеше растот годинава?

Првиот месец од годинава почна со зголемување на бројот на туристи за 6,4 проценти во однос на истиот период лани, за во следниот месец веќе да се постигне раст од 9%. Следуваше март, месец во кој е регистриран минимален пад, за во април да се забележи снажен раст од 17,6%. Бројот на туристи во мај се зголеми за 7,4%, за во јуни да имаме позитива од само 1%, според познавачите на состојбите, како резултат на случувањата во кумановската „Дива Населба“, кои придонесоа дел од договорените аранжмани да бидат откажани. Стравот на туристичките работници дека сезоната може да пропадне се покажа како неоправдан. Како резултат на брзата реакција на Владата и на преземените мерки за враќање на имиџот на земјава како сигурна туристичка дестинација, Македонија продолжи со високите стапки на раст, за да заокружиме и повеќе од успешна летна туристичка сезона.

Една од најуспешните сезони во летните центри

Охрид, Струга, Преспа и Дојран зад себе оставија една од најуспешните туристички сезони. Зголемениот број туристи донесе и зголемени приходи, па сега се мерка зимската сезона.

-Во летната туристичка сезона го надминавме бројот на ноќевања од лани и покрај неколкуте неприлики. Почнавме да правиме подготовки за новата сезона, а се продаваат и аражмани за новогодишните празници. Сметаме дека Охрид и Струга ќе бидат добро исполнети за новогодишните празници, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

-Ние како локална самоуправа постојано сме посветени на омасовување на промотивните и на сите други активности кои ја збогатуваат туристичката понуда и носат поголем број гости. Тоа полека дава резултат. Бројот на гости кои доаѓаат во Охрид постојано се зголемува, а се проширува и листата на држави од каде доаѓаат туристите, истакна градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Владата продолжува со политиката на субвенционирање

За 8 години бројот на туристи е зголемен за фантастични 100%. Македонија се промовираше како хит дестинација. Субвенциите и евтините летови го зголемија интересот, се вложува во нови капацитети, во подобрување на инфраструктурата.

-Имаме доста инвестирано во промоција, даваме субвенции за тур-оператори и за нови авионски линии, но инвестираме и во нови содржини, во сè што им е потребно на туристите и што би можело да го привлече нивното внимание, со цел да ја изберат Македонија како нивна туристичка дестинација. Ќе продолжиме со нашите напори и она што сме го ветиле. Имаме инвестиции во сите туристички, рече премиерот Груевски.

Владата донесе одлука да продолжи со мерките кои даваат резултат. Од идната година ќе се зголемат субвенциите за привлекување туристи, од 25 на 65 евра, и тоа за гости од Израел, Италија, Франција, Шпанија, Австрија.

-Сметаме дека со овие одлуки на Владата за зголемување на субвенциите за привлекување туристи од странски земји ќе се продолжи со позитивниот и континуиран раст на туризмот и на другите гранки поврзани со него, особено ако се има предвид дека анализите кои се направени со операторите од овие земји, постојат сериозни можности дека ќе имаме раст на бројот на туристи од земјите за кои го зголемуваме субвенционирањето, објаснува владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Субвенции веќе се даваат за државите од Бенелукс, скандинавските земји, Русија, Украина, ОАЕ, Јапонија, Кина, Индија, за земјите од регионот.

Целиот сет мерки, од туристичките зони до евтините летови, намалувањето на ДДВ-то за туризмот, модернизацијата на аеродромите ја позиционира Македонија на светската туристичка мапа.

-Со одлуката за субвенционирање на авионските летови на нискобуџетните компании, Македонија со директни конекции се поврза со поголемите градови во Европа и светот, што подолго време претставуваше горчлив проблем за регрутирање туристи од големите градови низ светот, објаснува Соња Бибановска од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Согласно државната Стратегија за развој на туризмот до 2020-та година, проекциите се приходите од туризмот да достигнат 5% од вкупниот БДП.

 
 
20.11.2015 - 10:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега