Press24 до СДСМ: Доста со политички притисоци

Не запира политичкиот притисок кој партијата СДСМ го прави врз редакцијата на Press24. 

По денешното интервју со премиерот Никола Груевски од Центарот за комуникации на СДСМ беше испратена реакција во која се вели дека зад Press24 стои штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Прес24“ денеска не само што објави интервју со Никола Груевски туку го испрати и до сите медиуми во Република Македонија.

Со тоа потврди дека „Прес24“ е уште еден медиум зад којшто стои штабот на ВМРО-ДПМНЕ, покрај „Курир“.

Преку „Прес24“ ВМРО-ДПМНЕ си пишува, ВМРО-ДПМНЕ си објавува и ВМРО-ДПМНЕ си испраќа напишани интервјуа.

Ова е уште еден доказ за катастрофланата состојба со медиумите во Македонија.“ – стои во соопштението на СДСМ

Редакцијата на Press24 ги отфрла сите клевети на политичката партија СДСМ. Нашата редакција е независна а зад неа стои издавач кој на опозицијата и е добро познат од судските процеси кои ги креира против него, како и комплетен импресум и уреднички тим кој веќе 5 години го држи порталот на врвот на македонската интернет сцена.
Покрај тоа, авторот на интервјуто е прецизно наведен и станува збор за новинар со долгогодишно искуство и серија највисоки награди во областа на новинарството.

Праксата на препраќање на интервјуата до нашите колеги и до граѓаните е воспоставена од самиот старт на проектот за интервјуирање на сите луѓе кои нешто значат во македонското општествено живеење.  Праксата не е ништо ново во медиумскиот бизнис а своите интервјуа на сличен начин до колегите и граѓаните ги препраќаат многу влијателни медиуми во Европа и светот. Токму тоа е разликата меѓу Press24 и останатите портали во Македонија и најверојатно затоа, веќе 5 години по ред се наоѓаме на самиот врв, далеку пред конкуренцијата.

Интервјуата кои ги прави Press24 се јавни и изработени за да им служат на сите медиуми и граѓани. Како редакција немаме ништо против доколку СДСМ реши интервјуто со Претседателот на Владата да го преземе и да го објави на својата веб страна интегрално или во делови кои сметаат дека се најинтересни за луѓето кои ги посетуваат.

Што се однесува до начинот на кој се изработуваат интервјуата, би сакале да ја потсетиме партијата СДСМ повеќе детали да побара од нивните високи функционери Стево Пендаровски и Оливер Спасовски кои своите ставови ги изразија токму на нашите страници. Јавно ја прашуваме опозицијата, дали една буква од одговорите во нивните интервјуа била променета и зошто не реагираше тогаш кога нивните интервјуа на ист начин ги испраќавме до нашите колеги.


Истовремено посетуваме дека нашите страници секогаш биле отворени за ставовите на функционерите на опозициајта за што говорат и интервјуата на Претседателот на ЛДП Горан Милевски како актуелниот заменик министер за финансии Кире Наумов

Доколку интервјуата се пишуваа од партиски штабови, тогаш партијата СДСМ треба да одговори во чиј штаб беше напишано интервјуто на Никола Рилковски како претседател ДИК,  Стојанче Ангелов како лидер на опозициската Достоинство, Нано Ружин, Ѓорѓи Спасов,  Ивон Величковски како претседател на ЛП и уште повеќе од 150 други функционери, политичари,  амбасадори, аналитичари, уметници, актери, свештеници.

Истовремено би сакале да информираме дека претседателот на СДСМ Зоран Заев имал најмалку 5 покани за интервју на нашиот портал а во еден случај добивме и потврден одговор по што испративме прашања на кои никогаш не добивме одговор.

 

Клик за поголема верзија

Слична беше ситуацијата и со градоначалникот на Центар Андреј Жерновски. И тој ги доби прашањата но никогаш на нив не даде свој одговор.

Кликнете на сликите за поголема верзија

 

Радмила Шеќеринска исто така доби покана за интервју на Press24 но никогаш не добивме повратен одговор.

Денеска и јавно ги повикуваме највисоките функционери на опозицијата да го совладаат стравот и конечно да одговорат на прашањата на Press24 и своето име да го впишат во еден од најуспешните проекти во македонскиот интернет простор.

Редакцијата на Press24 ваквите клевети ги гледа како директен атак врз слободата на изразување и обид за заплашување на нашите новинари.
Порачуваме дека нема да подлегнеме на притисоците и дека и во иднина ќе продолжиме со остварување на нашата мисија а тоа е нашите читатели секогаш информацијата да ја добијат први, во кратка форма и ослободена од секакви влијанија.

За овој и за претходните случаи на притисоци и директно клеветење на нашиот медиуми ќе ги известиме сите домашни и меѓународни релевантни институции , а заштита на нашата чест и углед ќе побараме и пред надежниот суд.

Редакција Press24

 
 
10.12.2015 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега