ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски должи одговор за фабрикуваните лични карти

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и должи одговор на јавноста за тоа кој стои зад аферата фабрикувани лични карти и кој ја пласира оваа афера.  

- Г-не Оливер Спасовски, не е достојно повеќе да се криете од јавноста. На јавноста и должите одговор: Кој стои зад аферата фабрикувани лични карти?! И кој ја пласира оваа афера, со оглед на тоа што се работи за медиум близок на Вашата партија? Кој нарачал да се изработат овие фалсификувани лични карти? Кој одлучил тие да бидат предадени токму на неделникот Фокус, близок до СДСМ? И кој одлучил дека е добро, и Фокус и Вие како технички министер да отпочнете медиумска кампања без да имате каква било потврда за сомненијата дека фалсификуваните лични карти биле употребени или злоупотребени од некого за гласање?, рече на прес-конференција Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, Спасовски и неделникот „Фокус“ усогласено ги обвинија и понижија вработените во МВР и сите членови на избирачките одбори дека не гледале кој со каква лична карта гласал на претходните избори. 

- И затоа, Спасовски, престанете да се криете бидејќи им должите извинување и на вработените во МВР, и на целокупната јавност. Им должите извинување и на членовите на избирачките одбори дека не знаеле и не гледале кој како гласал. И на крајот, им должите извинување и на македонските граѓани коишто координирано со неделникот „Фокус“ ги обвинивте и ги пониживте дека не знаеле за кого гласаат на претходните избори, истакна Милошоски.

Посочи дека иако е технички министер за внатрешни работи од Спасовски се очекува одговорните за оваа афера за фабрикувани лични карти да ги изведе пред надлежните судови, без разлика за кого се работи бидејќи сите во оваа држава мора да бидат еднакви пред законот.

Милошоски рече дека фалсификуваните лични карти воопшто не биле употребувани од никого за гласање. - Всушност, не биле употребувани овие т.н фалсификувани лични карти за ништо друго. Ниту за влез или излез од земјава, ниту во било кој друг правен промет на некој граѓанин. Биле употребени овие фабрикувани и фалсификувани лични карти само за едно нешто: тоа е СДСМ да продуцира нова афера, да се фрли дамка на изборите, да се создаде основа за барање на нови избори, да се создадат алиби и оправданија на СДСМ за десетиот по ред изборен пораз кој ги очекува во април следната година, рече Милошоски.

Спасовски, како што кажа тој, мислеше дека ако остане сомнежот, тогаш граѓаните нема да сфатат дека можеби единствената цел на оваа афера била токму да се нарушува угледот на институциите и на државата Република Македонија, се со цел да се покрие изборниот неуспех во минатото и во иднина на СДСМ.

 
 
10.12.2015 - 16:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега