Пет капитални проекти во Скопје се изведуваат во исто време, инвестиција вредна 10 милиони евра

Премиерот Никола Груевски истакна дека со постојаното заложување и со постојани проекти во сите делови од Скопје, полека но сигурно се решаваат сите сообраќајни проблеми кои со децении се таложеле.

-Само во последниве 2 месеци започнати се огромни проекти кои во различни населби ќе донесат нови булевари за граѓаните. Пред два месеци започна реконструкцијата и проширувањето на улицата „Трета Македонска Бригада“ во Кисела Вода, пред една недела го означивме продолжувањето на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, пред неколку дена го означивме продолжувањето на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, а денес го означуваме продолжувањето на булеварот „Партизански Одреди“ кон Ѓорче Петров. Во следните неколку денови ќе се одбележи и продолжувањето на булеварот „Србија“. Сите овие проекти се изведуваат во исто време и сите овие проекти претставуваат инвестиција од околу 10 милиони евра, потенцира Груевски.

Со овој проект ќе се продолжи пробивањето на булеварот „Партизански одреди” од новиот кружен тек кај Порта Влае, кој е формиран помеѓу булеварот „Партизански одреди“ и улиците „Ацо Шопов“ и „Ѓорче Петров“, па се до кружниот тек кај црквата “Свети Петар и Павле”, кој е формиран помеѓу булеварот „Македонска војска“ и улиците „Борис Сарафов“ и „Лука Геров“.

– На овој потег, кој е со вкупна должина од 500 метри, ќе се изврши реконструкција и проширување на постојаниот коловоз, со што ќе се добие современ, модерен булевар со 6 сообраќајни летни, по 3 во двете насоки, со вкупна ширина на коловозот од 21 метар. Булеварот ќе има средишно булеварско зеленило (жардињера) со ширина од 5 метри. Проширувањето и реконструкцијата на „Партизански одреди“ ќе се искористи за изградба на нова пешачка и велосипедска патека од двете страни, кои ќе бидат со ширина од 3, односно 2 метри, со што вкупната ширина на булеварот ќе изнесува 36 метри. Реконструкцијата и проширувањето на бул. “Партизански одреди” ќе се искористи за изградба на нова атмосферска канализација, на потег од 447 метри, а ќе се постави и ново улично осветлување преку поставување на 40 тросегментни столбови во висина од 10 метри, истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

bulevar partizanski odredi vtora faza1

Рокот на изведба на овој проект е 180 работни дена, а за неговата изведба Град Скопје ќе издвои околу 37,5 милиони денари, а градежните работи ќе ги изведува „Пелагонија“ од Гостивар. Уличното осветлување ќе го постави фирмата “Електра Скопје”, а за истото Град Скопје ќе издвои 3,2 милиони денари. Со ова, вкупната инвестиција на втората фаза од проектот за пробивање на булеварот “Партизански одреди” изнесува околу 40 милиони денари.

Реализацијата на овој проект ќе придонесе за растеретување на секојдневниот сообраќаен метеж на оваа локација, при што ќе се добие побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот.

bulevar partizanski odredi vtora faza3

 
 
16.12.2015 - 16:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега