Собранието ги избра членовите на Државната изборна комисија

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 83. седница со 102 гласови „за“, без „воздржани“ и „против“ ги изгласа членовите на Државната изборна комисија. 

За претседател на Комисијата е избран Александар Чичаковски, за потпретседател Реџеп Прекопуца, двајцата од редовите на експертите. Членови на Комисијата се Атанас Урумов, исто така од редот на експертите, Силвана Бонева и Сашо Срцев на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Дума и Игор Милев на предлог на СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедередин Ибраими на предлог на ДПА. 

Во дискусијата пратеничката Солза Грчева истакна оти не е против пржинскиот процес, туку, како што рече, против формално извршување на сите ставки од процесот, бидејќи тоа нема да ја однесе земјата до посакуваните резултати. 

За неа е спорно зошто било потребно партиите неколку месеци да се нагодуваат околу експертите во ДИК, доколку тие навистина биле експерти, а немале некој партиски предзнак. Не е сигурна, како што рече, дали ќе има време оваа комисија да го провери избирачкиот список, односно дали ќе има време за теренска проверка за изборите да бидат чисти.

Со овој став се согласува и пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, која дополни дека прочистениот избирачки список е основа за фер и чисти избори чии резултати ќе ги признаат сите.

Пратениците од партиите на власт сметаат дека со гласањето за ДИК се отстрануваат сите пречки за спроведување на изборите во април, како решение на политичката криза и оти народот тогаш ќе го каже последниот забор.

Секоја политичка криза завршува на избори, смета Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните ќе кажат кој бил, а кој не бил во право. Тој смета дека опозицијата ги спори изборите бидејќи не сака да признае пораз од околу 200 илјади гласови.

Не е точно, рече, дека изборите биле нерегуларни, туку тоа го измислиле оние кои сакале да се правдаат пред членството за поразите. Излезете, рече, во реалниот свет и да видите зошто не ве гласаат. 

Горан Сугарески од СДСМ истакна дека денеска се бира нова изборна комисија бидејќи, како што рече, зошто изборите во минатото биле криминални, нефер и недемократски.

Неговиот сопартиец Петре Шилегов смета дека државата ќе се стабилизира и кризата ќе биде надмината тогаш кога, како што рече, ќе има фер, чесни и кристално чисти избори, на кои вие тогаш ќе изгубите. 

На оваа седница  пратеникот Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ е избран за член на Анкетната комисија за скандалот со прислушување на местото на Силвана Бонева, која беше избрана за член на ДИК.

 
 
16.12.2015 - 18:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега