Иванов до Туск и Хан: Македонија може транзитно да прими две илјади мигранти и ништо повеќе

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на заедничката средба со претседателот на Србија Томислав Николиќ и еврокомесарот за преговори за проширување Јоахнес Хан со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, денеска во Брисел им повторил дека Република Македонија има капацитет да акомодира на својата територија само две илјади лица од бегалците привремено и тоа само при нивниот транзит.

Денешната средба на претседателот Иванов со Туск и српскиот претседател беше на иницијатива на првиот човек на македонската држава, а со цел менаџирање на мигрантската и бегалската криза, бидејќи Македонија и Србија се транзитни држави што не се членки на Унијата и не учествуваат во процесот на носење одлуки и управувањето со кризниот менаџмент во рамки на ЕУ, пренесува МИА.

-Ние остануваме на бројот што беше пријавен за време на лидерската средба во октомври овде во Брисел. Како земја со два милиони жители, ние имаме капацитет од две илјади лица, но само кои транзитираат. Немаме капацитети да задржуваме лица, бидејќи нашата територија е куса, само 160 киолометри и нема потреба кај нас да се отвораат капацитети каде овие лица би биле згрижени доколку коридорот се затвори, посочи Иванов по средбата.

Оваа реакција на македонскиот претседател доаѓа со оглед на изјавата на Николиќ, дека тој на средбата ветил дека Србија е подготвена „на подолг период” да прифати и смести на сопствената територија околу шест илјади бегалци, “но тоа не е случај со Македонија”, како што рекол српскиот претседател.

Но, Иванов додаде дека Србија, согласно нивниот број на жители ја дава таа бројка што соодветствува со бројката што Македонија ја има како земја со два милиони жители.

-Но, нашите капацитети, повторувам не се за згрижување на лица, туку само за обезбедување на привремен престој при транзитирање низ територија на Македонија, вели Иванов.

На денешната средба присуствувал и директорот на “Фронтекс” кому Иванов и Николиќ, како што потврди македонскиот претседател, му ги истканале сите актуелни моменти што Македонија и Србија ги имаат во поглед на мигрантската криза. Тие особено инсистирале на тоа дека во последно време има нова реалност, бидејќи кога започнала контролата на тие што влегуваат на нашите територии, со оглед на тоа што има ограничувања и се препуштаат само бегалците, не и илегалните мигранти, дека сега има “безбедносни закани за нашите земји, а тоа се однесува и на Унијата”.

-Пред се имаме голем напив на фалсификувани документи. Има луѓе со лажни идентитети што се обидуваат статусот бегалец да го добијат со замена, користејќи таков идентитет. Тешко е проверливо од каде доаѓаат тие луѓе, бидејќи има само изјава и не можеме да им земеме биометриски податоци. Затоа, направивме дистинкција на средбата за хуманитарниот аспект на кризата, за што дават средства и ЕУ и меѓународните организации и овие средства одат а хуманитарните, невладини организации како “Црвениот крст”, но безбедносниот аспект останува на нас државите што сме на коридорот, нашите најголеми трошоци се на овој аспект од кризата, бидејќи полицијата мора да ги проверува документите на лицата, а на оние што немаат документи да им зема биометриски податоци, а таква опрема немаме. Инсистиравме, и покрај тоа што досега самите се снаоѓаме, во поглед на безбедносниот аспект на кризата, Европскиот совет да го отвори и тоа прашање и да ни излезе пресрет на земјите што не сме членки на ЕУ, а сме на коридорот, како Македонија и Србија во однос на овие нови состојби, потенцира Иванов.

Македонскиот претседател вели дека директорот на “Фронтекс” ветил дека иако досега имале правна бариера, бидејќи не го контролира Агенцијата излезот на ЕУ со оваа промена на правната регулатива, сега може “Фронтекс” да се постави на територија на Грција, но на излезот, за да ги контролира сите и да се вратат оние што немаат статус на бегалци во земјите од кои доаѓаат.

-Беше најавено дека најавената помош што ја добиваме ние земјите ќе биде пред се од овој карактер од заканите што ги имаме, бидејќи на тој начин се чува и безбедноста на ЕУ. Помагајќи ни нам, си помагаат и себе си. Искажавме благодарност оти членките на ЕУ донесоа одлука да ни помогнат со нивни полицајци на нашата полиција во поглед на контролата на документи и проверка на идентитетот на лицата што влегуваат на нашата територија. Исто така и Србија се понуди да помогне и нивната полиција да и помогне во овој дел на нашата полиција и со контрола на границата, бидејќи со нашата конторла на влезот во Македонија, каде бегалците сега влегуваат на една точка, околу 20 проценти е намален за 20 дена приливот на бегалци на наша територија, додава Иванов.

Македонскиот претседател вели дека се надева дека доколку се постават безбедносни контроли, тогаш сите оние што сега користат фалсификувани документи и лажни идентитети, дека нивниот број ќе се намали.

Инаку, самата средба е потврда дека Туск смета дека со поддршката на Република Македонија, ЕУ си помага самата себе и во тој контекст од кабинет на македонскиот претседател брифираат, дека освен што претседателот Иванов го запознал Туск за се што досега Република Македонија има направено, тој ја нагласил и неопходноста од итна помош и поддршка и излегол со конкретни барања.

Претседателот Иванов, кој од почеток на кризата предупредуваше, иницираше, предлагаше, контролираше и носеше заклучоци за справување со мигрантската криза, денес на средбата со Туск испорачал нови предлози за превенција и намалување на безбедносните ризици, заштита на државните граници и воспоставување на контрола врз мигрантскиот бран.

Освен за состојбите на терен во Република Македонија, на средбата се разговарало и за плановите на ЕУ и можните заклучоци на Европскиот совет, кој утре и задутре ќе одржи редовен Самит кој овојпат ќе иде посветен на бегалската криза и на истиот поради тоа, за првпат ќе присуствува и земја што не е членка на Унијата, а тоа е Турција.

Претседателот Иванов, исто така му повторил на Туск дека бавното темпо во евроинтеграцијата на Република Македонија и на регионот е грешка и дека очекува ЕУ да го промени досегашниот пристап и по изборите во Македонија, конечно ќе ги отвори преговорите за членство на државата во Унијата.

Сепак, факт е дека Македонија како никогаш досега е во вниманието на Европскиот совет и воопшто на ЕУ, посебно што ова е четврта средба на претседателот Иванов со Туск за кус период. Мигрантската и бегалската криза ја потсети Унијата за важноста на Балканот и на Македонија и очигледно ова е можност Унијата да ги преиспита политиките кон Балканот и посебно кон Македонија, со оглед на тоа што оваа криза е можност Унијата да ги забрза интеграциите и Евросоветот да ги поправи грешките од претходниот состав во однос на одблокирање на евроинтегративнио процес на македонската држава.

 
 
16.12.2015 - 19:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега