Николиќ: Србија нема да го повлече признавањето на Македонија под уставно име

Претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, одговарајќи на прашање на дописникот на МИА од Брисел по денешниот четирилатерален состанок во Брисел меѓу него, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, еврокомесарот Јоханес Хан и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, негираше дека неговата земја ќе го повлече признавањето на Република Македонија под нејзиното уставно име.

- Тоа не значи. Србија во 1998 година прифати име Македонија, потоа Македонија ја призна независноста на Косово и Метохија и Србија не реагираше негативно. Потоа Македонија гласаше во УНЕСКО за Косово и Метохија и Србија не реагираше негативно. Зошто сега да реагира негативно? Тоа нема да се случи - одговори Николиќ, за тоа дали Србите подготвуваат повлекување на признавањето.

Српскиот претседател рече дека со Иванов имале препирки пред почетокот на состанокот со Хан и Туск во Брисел. Николиќ рече дека најпрво, претседателот на Македонија му честитал за отворање на првите две поглавја, а потоа разговарале за иднината и дека се „закачиле” и за минатото.

- Малку му кажав на претседателот на Македонија зошто Македонија гласаше за тоа Косово да биде во УНЕСКО, а тој на мене ми кажа дека не е добро што е поставена табла на која пишува „бивша југословенска Република Македонија”. Јас му реков тоа да го каже овде во Европската комисија за да го променат тоа име. Кај нас Европјаните мора да проаѓаат и мора да знаат во која држава влегуваат. Потоа се закачивме за Цар Душан и потоа прекинавме, бидејќи видовме дека тоа оди многу далеку, додава Николиќ.

 
 
16.12.2015 - 20:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега