Амбасадорите на САД и ЕУ: Ги охрабруваме сите партии, организации и граѓани заеднички да учествуваат на изборите

Премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев денес оствари средба со амбасадорите на САД и ЕУ- Аиво Орав и Џес Бејли.

Средбата беше оценета како позитивна и конструктивна.

Амбасадорите се согласни за датумот на избори кој е договорен согласно договорот од Пржино 24-ти април, како и важноста за одвивањето на потребните процеси со цел остварување на договореното.

-Имавме конструктивна средба со премиерот Димитриев на која ја повторивме нашата поддршка за кредибилни избори, како и нашата подготвеност да понудиме неопходна техничка и друга помош што ќе помогне да се создадат услови што ќе ги направат таквите избори можни, изјави по средбата Орав.

Со договорот од Пржино, посочи, е поставен 24 април како датум за избори. Договорот, исто така, наведе Орав, ги обврзува потписниците на структурни реформи, влучувајќи и мерки за обезбедување поголема слобода на медиумите, прочистување на Избирачкиот список и имплементација на сите препораки на ОБСЕ, ОДИХР, за да се овозможат слободни и фер избори.

– Останува да се заврши значителна работа за да се исполнат тие услови. Пред распуштањето на Парламентот, а не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД во консултација со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе разгледаат дали се исполнети условите за одржување кредибилни избори на 24 април. На средбата со Димитриев ги споделивме критериумите што ќе ги употребуваме во проценката. Овие критериуми ги споделивме и со лидерите на партиите потписници на договорот од Пржино со кои блиско соработуваме повеќе месеци. Критериумите исто така ќе ги направиме достапни и за јавноста, рече Орав.

Американскиот амбасадор Бејли истакна дека ќе ги понудат нивните погледи и ставови како пријатели на Македонија, земја која сакаат да ја видат како просперитетна демократија во рамките на евро-атлантската заедница.

– Како и да е, на крајот зависи од Парламентот, Владата и вашите политички лидери да ги донесат одлуките. Тие се одговорни за повторното поставување на земјата на евроатлантскиот пат. Исто така, повторно ги охрабруваме партиските лидери да се воздржат од напади на официјални претставници чија задача е да создадат услови за кредибилни избори бидејќи тие вршат тешка работа. Таквата реторика не помага и ја поткопува вербата дека изборите можат да се одржат под услови кои би овозможиле тие да бидат прифатени од сите како слободни и фер, рече Бејли.

Амбасадорите јасно посочија дека ги охрабруваат сите партии, организации и граѓани заеднички да учествуваат на изборите. Таквата партиципација, посочуваат, е најдобра за јакнење на демократските процеси.

Орав и Бејли ја посочија и важноста за соработката со ОБСЕ и ОДИХР

 
 
29.01.2016 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега