ДПМ: Со лустрацијата на писателите се рушат вредности создавани со децении
Друштвото на писателите на Македонија со загриженост го следи процесот на лустрација на македонските писатели и бара да престане овој атак кој е насочен против најсветлите страници на македонската национална литература и култура, стои во соопштението на ДПМ.
Значајни имиња на македонската писателска асоцијација веќе се ставени на столбот на страмот и тоа добива димензии на свесно и тенденциозно рушење на вредностите создавани со децении и афирмирани како неодминлива вредност во земјата и во светот. Апсурдот е дотолку поголем што оваа хајка против македонските писатели покажува знаци на обид за девалвирање на вредностите врз антимакедонска основа и разнебитување на духовните и естетски дострели според кои Македонија е препознатлива ширум светот, се вели во обраќањето.
ДПМ се обраќа до највисоките државни истанци да постапат според нормите на правната држава и да го прекинат овој незаконски и антиуставен чин. Во спротивно ДПМ овој процес ќе го толкува како тенденција без преседан во нашата историја на апсурдното газење и рушење на темелните вредности во македонската национална култура, се наведува во обраќањето на ДПМ.
ФОТО: А1.он