Владини грантови од 10.000 евра за брзорастечки микро и мали претпријатија

 

Владата продолжува со подршката на бизнис заедницата преку своите програми. Во тек е оглас за подршка на микро и малите претпријатија кои имаат постигнато позитивни деловни резултати во изминатите години, преку кој оние субјекти кои ќе аплицираат на огласот и ќе бидат најдобро рангирани ќе добијат неповратна помош од страна на државата во вредност од 10.000 евра.

Овие неповратни средства кои се наменети за брзорастечките фирми ќе се доделуваат за набавка на опрема, а со цел отворање на нови работни места, поддршка на работодавачите кои имаат висок потенцијал за раст и потикнување на иноватовноста кај истите.

Условите кои треба да ги исполнуваат работодавачите за учество во програмата се следните: да бидат регистрирани заклучно со 31.12.2012 година, да ги имаат измирено сите обврски по основа на даноци и придонеси, да имаат остварено добивка последователно за 2013, 2014 и 2015 година, да го немаат намалено бројот на вработени лица во последните шест месеци пред поднесувањето на апликацијата и да бидат производно или услужно ориентирани.

При рангирањето покрај понудениот план за развој особено ќе се вреднува предвидениот број на нови вработувања кои работодавачот сака да ги постигне со новиот план за развој за кој ќе добие финансиска подршка, како и фактот дали бизнисот на работодавачот е креиран како резултат на претходно користење на владини мерки и програми од обвласта на самовработувањето каде што државата доделува грантови од 3 000 евра за започнување на бизнис за невработените лица.

Од Владата велат дека со овој проект се праќа порака до стопанските субјекти дека со успешноста во нивната работа тие ќе добијат и дополнителна подршка од страна на државата, што подразбира дека успехот кој е постигнат се вреднува.

-Пораката на овој проект е валоризација на микро и малите претпријатија, кои покажуваат позитивни резултати во своето работење и обезбедување на дополнителна поддршка од страна на државата за растот на нивниот потенцијал и во интензитет и во динамика, но истовремено и охрабрување на сите останати микро и мали субјекти дека со соодветно и успешно работење ќе наидат на дополнителна поддршка од страна на Владата. Многу е значајно дека одлуката за тоа кои субјекти ќе ги добијат овие неповратни средства во висина до 10.000 евра за набавка на опрема и материјали ќе ги носат претставници на бизнис заедницата преку соодветна комисија при што покрај планот за раст на самата компанија особено ќе биде вреднувано колку работни места се предвидени да бидат отворени со оваа нова поддршка. Огласот трае до 12 март оваа година и сите микро и мали субјекти се повеќе од добре дојдени да аплицираат и да ги искористат можностите кои им стојат на располагање, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Опремата која ќе биде обезбедена со оваа владина финансиска помош работодавачот нема да може да ја отуѓи најмалку 3 години од склучување на договорот. Работодавачот ќе има и обврска да вработи уште најмалку 3 лица и истите да ги задржи во работен однос или да го зголеми бројот на нововработените лица на периодот од 3 години.

Заинтересираните работодавачи може да поднесат пријави најдоцна до 12.03.2016 во работните клубови на 30-те центри за вработување на АВРМ. Пријавите треба да се испратат со назнака „Пријава за поддршка на брзорастечките фирми – Газели“.

 

Повикот е отворен за микро и мали правни субјекти во доминантна сопственост на македонски државјани, кои сакаат да го зголемат бројот на работни места.

 
 
25.02.2016 - 14:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега