Претседателот Иванов се сретна со Хојт Ји

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Иванов, биле разменети мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, за состојбите со европската и евроатлантската перспектива на нашата земја, за актуелностите во однос на бегалската и мигрантската криза, како и за внатрешните политички предизвици во Македонија.

Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската унија, притоа изразувајќи очекување од одлучна американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава во јули 2016 година.

Во контекст на бегалската и мигрантската криза, македонскиот претседател го информирал соговорникот за активностите што ги презема Република Македонија во справување со оваа криза, притоа потврдувајќи го ставот дека нашата земја се залага за сеопшто европско решение. - До решение може да се дојде само во соработка со Грција и Турција. Тоа е и во интерес на Македонија, нагласил претседателот Иванов.

Во однос на внатрешните политички предизвици, претседателот Иванов подвлекол дека политичките лидери во Македонија преземаа одговорност за справување со политичката криза и потпишаа договор што мора да се реализира. - Целосно спроведување на обврските од договорот е клучно за одржување фер, слободни и демократски избори. Неопходно е да се почитува договорот за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со сите предизвици, истакнал македонскиот претседател.

На средбата бил реафирмиран интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатерална соработка.

Двајцата соговорници размениле мислења и информации и за состојбите во регионот.

Хојт Ји, кој престојува во Македонија, денеска имаше средба и со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и со јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски

 
 
03.03.2016 - 16:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега