Повеќе жени во мировните процеси

Што повеќе жени треба да бидат вклучени во мировните процеси, бидејќи тие ги разбираат сите предизвици што им се случуваат на жените, особено денес за време на бегалската и мигрантска криза, тероризмот и екстремизмот во светот, беше истакнато на денешната конференција „Улогата на жените во мировните процеси“ организирана од Министерството за надворешни работи. 

Учесниците на Конференцијата, меѓу кои и амбасадорите на Холандија, на ОБСЕ и на ОН во земјата повикаа на имлементација на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН: Жени, мир и безбедност.

Заменик-министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска, која е покровител и иницијатор на Конференцијата, рече дека таа е продолжение на минатогодишната која беше посветена на Жените во дипломатијата. Кипријановска смета дека треба да се зголеми бројот на жените во мировните процеси потенцирајќи дека исклучувањето на жените од мировните процеси е непочитивање на нивните права. Улогата на жените во македонското општество, како што рече, е мошне важна и ние сме регионални лидери во однос на учеството на жените во одбраната. Во Министерството за одбрана вклучувајќи го и воените персонал 30,87 отсто од вработените се жени, во АРМ 8 отсто, а 27 отсто од кадетите во Воената академија во 2015 година се жени, 22 отсто од поручните во Армијата се жени.

Директорката на Директоратот за Дипломатска академија Аделина Марку вели дека од ден на ден присуството на жените во институциите се зголемува, но се уште под знак прашање влијанието на жените во општеството.

- Процесот на интеграција мора да остане отворен и витален од проста причина што мекиот пристап на жените кон еден проблем може да допринесе за изнаоѓање решение кога се во прашање конфликтите, рече Марку. 

Според амбасадорката на ОБСЕ во Македонија Нина Суомалаинен жените не се само жртви на радикализација туку и учествуваат во акти на тероризам, посочувајќи на бомбашки напади на ИСИС, Боко Харам и други. Некогаш, како што кажа, тие се приморани и немаат избор, а некогаш се убедени во тоа што го прават. Затоа, како што кажа, вклулувањето на жените може да биде клучно во спречување на вакви ситуации. Жените можат да донесат клучни перцепции и нарации што не треба да се занемарат, а се однесуваат на овие актуелни безбедносни предизвици.

Правата на жените се и човекови права, истакна амбасадорот на Холандија Вилем Вутер Пломп, кој зборувајќи за актуелната мигрантска криза рече дека жените се жртви, но исто така и имаат важна улога во донесување на одлуките во семејството. Според Пломп, жените треба да бидат повеќе вклучени во мировните процеси, а не само во повторна изградба на средин ите во кои живеат по завршувањето на конфликтите.

Постојаниот претставник на ОН во земјата Луиза Винтон посочи на напорите што ги прави нејзината организација за зголемување на жените во мировните процеси како преговарачи, усчесници во мировни и безбедносни мисии, како и на документите и активностите кои произлегуваат од Резулоцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН: Жени, мир и безбедност. Статистичките бројки покажуваат на мала вклученост на жените во мировните процеси.      

Конференцијата се одржа во пресрет на утрешниот Меѓународен на жената - 8 март. 

 
 
07.03.2016 - 13:55
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега