Бајрам: Нашиот избор е Коалицијата за подобра Македонија

 

Ние Ромите сме определени, остануваме во Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ зашто само таа може да работи за да се постигне напредок за земјата, но и за нас Ромите, порача лидерот на Сојузот на Роми од Македонија Амди Бајрам на петтиот партиски конгрес.

- Сите знаете дека ние сме во цврста коалиција која го исполнува она што го има ветено. Сите знаете што сме преговарале, што ни беше ветено и се е исполнето, од Никола Груевски како премиер на Владата. Постигнат е голем успех за сите Роми, за општина Шуто Оризари изградени се спортски сали, улилишта, социјални станови, постигнати се вработувања, рече Бајрам.

Додаде освен оваа коалиција и ВМРО-ДПМНЕ тие не можат да имаат друг партнер, бидејќи, како што рече, другите и сакаат лошо на земјата, и сакаат да ја растурат. СДСМ, истакна, сега се сети на Ромите дека можат да им бидат од корист, но доцна е. Во време на СДСМ, истакна Бајрам, за Ромите не беше направена ниту една чешма

Потенцира дека  никој веќе не  може да ги заплашува Ромите, ниту пак да ги поткупува на ситно. Тие времиња, истакна Бајрам, поминаа.

Претседателот на СРМ побара обединување на сите партии на Ромите, со цел, како што рече, да можат заедно да се изборат з подобри услови за Ромите.

За ВМРО-ДПМНЕ Сојузот на Ромите е партнер кој е стабилен, лојален и креативен, партнер кој, како што рече претседателот на партијата Никола Груевски, придонесува, кој се бори, создава, дава идеи...

- СРМ е партнер кој заедно со нас рамо до рамо работи на реализирање на програма која ќе им ја ветиме на граѓаните. Можете и вие во целост да се потпрете на ВМРО-ДПМНЕ како ваш сојузник и партнер затоа што веќе имаме цели 10 години континуирана соработка во управувањето во Владата и справувањето со потребите и предизвиците. Не очекуваат избори на кои нашата Коалиција ќе оствари уште една победа, победа која ќе биде уште посилна од таа во 2014 година. Ќе славиме заеднички на 5 јуни, порача Груевски кој како гостин имаше обраѓање на Конгресот.

Десет години, додаде Груевски, заеднички работиме за подобра иднина на Ромите, но и севкупно за подобра иднина на сите други граѓани на Република Македонија.

Потсети дека за почитта кон Ромите, но и останатите етнички заедници говори и фактот што беа програсени нивни празници, какви, како што потенцира, ретко може да се најдат во другите земји и покрај фактот што секаде живеат различни малцинства, а во многу земји живеат и Роми.

- Тоа многу говори за нашата почит кон Ромите, за тоа колку сме понапред за разлика од некои други и за нашите погледи и нашите демократски капацитети и за нашата верба во едно здраво мултинационално општество, истакна Груевски.

Празниците, смета, сепак би биле само симболика без суштина ако не се излегувало во пресрет на поединецот за да може да се образува на својот мајчин јазик, да може да ја шири својата култура на мајчин јазик, да има можност да се вработи, да напредува, да основа бизнис, да ги користи социјалните, здравствените и сите други услуги на државата.  

- Нашата посветеност за напредок и модерна држава не ја мериме како напредок на поединечните етнички заедници, туку преку колективен напредок на целата држава. Сепак, државата не може да напредува без напредок на поединецот, без разлика на неговото име, националност, етничка или верска припадност. Нас ни треба сите да напредуваат. Државата напредува со иста динамика како што напредува поединецот. Затоа ако некој назадува треба да му се подаде рака да ги стаса другите и заедно да продолжиме напред, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

На 5-тиот конгрес на Сојузот на Ромите од Македонија кој се одржува денеска во Скопје ќе се избира претседателство на партијата. 

 
 
08.04.2016 - 16:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега