Иванов дециден: Не може амбасадорите да глумат шерифи во Македонија

Претседатлеот Иванов денеска потпиша општа аменстија за сите дела кои произлегуваат од прислушуваните материјали со кои СДСМ ја внесе Македонија во политичка криза. Иванов рече дека нема да дозволи странските претставници да се шетаат по македонските судови додека тие носат одлуки.

„ Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата. Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот. Сево ова веќе станува за многумина неиздрживо, сѐ повеќе наликува на борба до истребување. Се плашам дека Република Македонија може да почне да наликува како онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери, што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации. Да се потсетиме дека и тогаш тие беа поттикнати од надворешни фактори.“ – рече Иванов.

Токму странските фактори во земјава први се јавија да ја коментираат одлуката на претседателот.

„Денешната изјава на претседателот бара појаснување. Ако одлуката е да се аболираат политичарите се однесува на истрагите околу сомненијата содржани во прислушуваните разговори, тогаш тоа е предмет на сериозна загриженост. Целосната истрага на овие сомненија, и соодветен законски процес, се клучни елементи на договорот од Пржино. Како такви тие се централни на секое трајно решение на актуелната политичка криза.” – напиша на социјалните мрежи британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

Со кратка реакција се јави и американската амбасада

„Бараме повеќе детали и појаснувања. Сепак, изјавата на претседателот покренува сериозна загриженост околу заложбата на Македонија за владеење на правото“ велат од амбасадата. 

Со одлуката на Иванов не се согласуваат ниту од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека се фрапирани бидејќи сметаат дека секој што направил криминал треба да одговара.

- ВМРО-ДПМНЕ со фрапираност и неверување ја проследи прес конференцијата на претседателот Ѓорге Иванов. ВМРО-ДПМНЕ не се сомнева дека претседателот Иванов секогаш имал чесни и добри намери и постапки, водејќи се од националните и државни интереси и идејата за национално помирување и единство, кое сметаме дека е секогаш потребно. Сепак во конкретниов случај би сакале да изразиме силно несогласување со оваа негова постапка, се вели во соопштението на владејчката партија

 

Со одлуката на Иванов не се согласуваат ниту од СДСМ

„Не се сите криминалци, не ја прифаќам оваа одлука. Јас Зоран Заев ќе ги предводам граѓаните во битката за враќање на уставниот поредок, на улици на протести по градови и села. Или Груевски или Македонија – рече Заев.

 
 
12.04.2016 - 18:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега