Бојкотот на изборите станува се потешка задача за Заев

Одлуката на ДИК дека Македонија е подготвена за предвремените парламентарни избори на 5 јуни, ја остави опозицијата без аргументи.
Клучната институција задолжена за избирачкиот список и спроведувањето на изборите излезе со јасен став дека избирачкиот список е пречистен и дека во таква состојба ќе овозможи кредибилни избори на крајот од оваа жешка пролет.

Одлуката на ДИК дојде на барање на меѓународниот фактор, а против неа, во ДИК, очекувано гласаа само членовите на СДСМ. Кога требаше да се донесе конечната одлука, на бојкотот на СДСМ во ДИК се приклучи и претседателот Александар Чичаковски, за да не му се случи да гласа против одлуката дека институцијата со која раководи е подготвена за избори.

Иако по последното одложување на изборите реформите во медиумите отпаднаа како дел од условите кои меѓународниот фактор ги диктира за одржување на изборите, на Бихаќка се свесни дека без Собрание реформи не може да има, па затоа, овој аргумент очекувано го користат за да не се појават пред граѓаните.
Сепак, со или без реформи, сите мониторинзи на телевизиските програми покажуваат значителни промени кога станува збор за еднаквата застапеност на политичките субјекти, или барем на оние најголемите.
Неофицијалните информации велат дека сите телевизиски куќи водат стрoг внатрешен мониторинг на застапеноста на политичките партии во информативните изданија а за тоа редовно го информираат и меѓународниот фактор, кој во детали знае, која политичка партија колкава застапеност има во медиумите.
Дека ситуацијата е значително подобрена говори и фактот дека СДСМ повеќе од еден месец нема испратено ниту едно партиско соопштение во кое пресметува колкава застапеност добил нивниот лидер Заев во медиумите кои тие сметаат дека им се политички непријатели.
Дополнително, од 15 април на сила се и одредбите од Изборниот законик кои даваат јасни законски рамки кои медиумите мора да ги почитуваат во периодот до изборите и со кои се обврзани на правична застапеност на политичките субјекти во информативните изданија.
Како аргумент за бегство од граѓаните СДСМ го користи и „одвојувањето на партијата од државата“.
Оваа фраза е редовен декор на опозициските изговори на не учествува на изборите и проблем кој СДСМ го има во сопствените редови, особено во институциите кои согласно Договорот од Пржино ги раководат кадри на СДСМ. Така, за помалку од 3 месеци во МВР има неверојатни 500 вработувања, речи си без исклучок партиски кадри на СДСМ, а истовремено, никој не пријавува дека му бил вршен притисок на работното место и бил уценуван за гласање.

Сите погледи свртени кон ДУИ

Доколку СДСМ остане на одлуката да ги бојкотира изборите, став кој партиското раководство го промовира интензивно деновиве, тогаш сите погледи ќе бидат свртени кон ДУИ и нивното учество на изборите.
Официјалниот став на Ахмети е дека партијата ќе излезе пред граѓаните на избори, но познавачите на состојбите велат дека во Мала Речица ставовите брзо и лесно се менуваат, па не треба да биде изненадување доколку преку ноќ, Ахмети се премисли.

Сепак, во петокот партискиот портпарол, Бујар Османи во емисијата Топ Тема на Телма на неговиот колега од СДСМ, Петре Шилегов јасно му стави на знаење дека неговата партија ќе оди на изборите а доколку СДСМ се реши да ги бојкотира, штетата ќе се пресметува само на Бихаќка.
И додека ДУИ етаблира цврсти ставови, во ДПА се игра на друга карта. Партијата тактизира. Нема тврд став за тоа дали партијата ќе се појави пред граѓаните на 5 јуни. Имаше ставови на дел од пратениците на оваа партија дека Македонија не е подготвена за избори, но треба да се земе предвид дека членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими гласаше дека избирачкиот список е пречистен и дека од аспект на Државната изборна комисија нема пречки за одржување на изборите.

Во таква ситуација, СДСМ прави се што може да се направи за да остави впечаток во јавноста дека од ден на ден, расте поддршката за нивната партија околу идејата за бојкот на изборите. Опозицијата секојдневно се обидува да го зголемува бројот на т.н. Платформа но од аспект на политичка тежина, не добива многу.
На платформата се потпишани оние партии кои и досега беа со СДСМ во коалиција. Сите тие се свесни дека самостојно не можат да излезат на изборите, а голем дел од нив и никогаш не го сториле тоа. Единствено на платформата и се приклучи партијата ДОМ, на која откако и беше покажана вратата на коалицијата „За подобра Македонија“ интензивно бара начин за какво такво политичко влијание на следните избори.
По истите стапки се очекува да тргне и партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов.

Во ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата е јасна. Партијата се подготвува за изборите на 5 јуни за кои немаат дилема дека ќе се случат. Високи партиски функционери во повеќе наврати истакнуваат дека учеството на избори е право на секоја од партиите и кандидатите, па доколку сакаат, можат да се појават на нив, а доколку сметаат дека не треба, тогаш никој на тоа не ги обврзува.

До денот кога треба да се достават кандидатските листи до ДИК има уште нешто помалку од еден месец. Тоа е многу време за бројни политички комибинаторики и можности партиите да ги менуваат своите ставови. Според Роковникот кој денеска го објави ДИК, овој рок истекува на 11 мај, но оние кои добро ја познаваат политиката ќе се присетат на локалните избори од 2013 година кога по најавата за бојкот на СДСМ и пробивањето на овој рок, беше донесена политичка одлука и на опозициската партија и се овозможи дополнително време да ги поднесе кандидатските листи.

Во ситуација кога остануваат се помалку аргументи бојкотот на изборите станува се потешка задача за Зоран Заев. Опозицискиот лидер последната сламка за спас ја гледа во меѓународниот фактор чија одлука не може да се предвиди, бидејќи таа повеќе од јасно е дека нема да зависи од реалната состојба на терен туку од интересите на оние кои ќе ја донесат.
Она што во моментов е познато е расположението на граѓаните кои во огромно мнозинство бараат избори на 5 јуни и крај на кризата. Непочитувањето на нивните барања би можело покрај продлабочување на кризата, да донесе и посериозни безбедносни проблеми во Македонија.

 
 
18.04.2016 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега