Бејли и Орав на средби со лидерите бараат договор за излез од кризата

Нема напредок во преговорите кои зад завесите ги водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Според неофицијалните информации кои кружат во медиумите, опозицијата не се поместува од своите ставови за одложување на изборите.
Дневник пишува дека во разговорите активно се вклучени амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав кои во текот на вчерашниот ден имале одвоени средби со лидерите на СДСМ и ДПА. Информацијата за Дневник и официјално ја потврдиле од ДПА но без да соопштат детали за тоа што се разговарало на состанокот за дипломатите.

Во текот на денешниот ден се очекува состанок на амбасадорите со лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. На средбите се очекува амбасадорите да ги слушнат „последните понуди“ на претседателите на најголемите партии по што ќе се бара начин за одржување на лидерска средба на која би требало да се најде компромис за излез од кризата.

Бејли вчера од Штип потврди дека е во контакт со политичките партии и дека се готви терен за лидерска средба.

Охрабрување денеска дојде и од еврокомесарот Хан кој рече дека македонските лидери можат сами да најдат решение.

Од четирите партии не може да се добие никаква официјална информација во врска со текот на разговорите. Press24 вчера објави дека течат и билатерални средби меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на кои исто така се бара начин за приближување на ставовите.
Според неофицијалните информации кои излегуваат од партиските кругови, СДСМ воопшто не сака да седне на преговарачка маса се додека е на сила аболицијата и додека Собранието не се состане повторно и не ги одложи изборите. Дури потоа, од Бихаќка велат дека можат да разговараат за излез од кризата.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека мора да се почитува Уставот и да се одржат изборите закажани за 5 јуни.

Експертите велат дека уставните ограничувања не дозволуваат одржување на седница на Собранието во последниот состав.

Од ДУИ велат дека најреална опција, доколку нема избори на 5 јуни е враќање на Владата со ВМРО-ДПМНЕ, но и за тоа е потребно повторно свикување на Собранието, што во услови кога нема вонредна ситуација значи класично заобиколување на Уставот.

Во политичките кругови кружат неколку варијанти за надминување на кризата, а враќањето на Владата на Груевски и Ахмети се чини најверојатна во ситуација кога изборите на 5 јуни не би се одржале.

Другата варијанта е формирање на Влада на широка коалиција и одржување на изборите во редовниот термин во 2018 година.

Третата варијанта во случај да не се одржат закажаните избори е одложување на терминот за 4 месеци во кои би се направиле дополнителни напори да се убеди опозицијата да излезе пред граѓаните.

Сите варијанти освен избори на 5 јуни значат заобиколување на Уставот, а во таква ситуација, не е за очекување дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да ги прифати.

 
 
04.05.2016 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега