СДСМ бара избори на 2 октомври

 

Првата недела во октомври е прифатлив датум за избори за СДСМ. Според неофицијални партиски извори ваква понуда пристигнала од Бихаќка во разговорите со меѓународниот фактор и ВМРО-ДПМНЕ за надминување на кризата.
Во пакет со избори кои би требало да се одржат на 2 октомври, опозицијата настојува да се повлече и аболицијата.

Од другата страна, ставот на ВМРО-ДПМНЕ не се менува. Високи извори од владејачката партија велат дека датумот на изборите не е тема за која што може да се преговара, бидејќи нивното одложување би значело заобиколување на Уставот, позиции со кои партијата не може да се согласи.

Ваквата поставеност на ставовите остава голем јаз меѓу партиите кој според експертите, тешко е да се верува дека ќе биде надминат.

Вчера опозициската партија преку медиумите кои ги држи под контрола лиферуваше информации дека до утре се очекува да падне конечен договор според кој сите барања на Заев би биле прифатени, односно, аболицијата би се повлекла, Собранието би се свикало повторно, а изборите би се одржале на средина од есента.

Според експертите, со ваквите постапки СДСМ само гради позиции во пресрет на дополнителното интензивирање на преговорите кое треба да финишираат со лидерска средба.
Вчера амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли оствариле средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Што се разговарало на овие средби од партиите не откриваат. Press24 дознава дека во изминатите денови имало и серија средби на партиско ниво меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но според неофицијалните информации, не резултирале со посериозно приближување на ставовите.

Во целата ситуација, според експертите на тежина добива ДУИ, партија од чија одлука во голем дел ќе зависат изборите на 5 јуни.
Појасна слика се очекува да се добие денеска до полноќ до кога партиите имаат рок да ги достават списоците со членовите на избирачките одбори. Партиите кои нема да достават свои кандидати извесно е дека нема да учествуваат на изборите.

Неофицијалните информации велат дека ВМРО-ДПМНЕ веќе ги доставиле своите кандидати, а тоа се очекува да го сторат и ДУИ и ДПА.

 
 
05.05.2016 - 11:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега