ВМРО-ДПМНЕ: Нема повеќе отсптапувања - избори на 5 јуни

Не може да се разговара за одложување на изборите закажани за 5 јуни бидејќи тоа  е во спротивност со Уставот. Изборите ќе се реализираат без разлика кој ќе учествува на нив. Висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ за Дневник вели дека дополнителни отстапувања нема да има.

„ Да го тргнеме ова настрана, преговарачите од партиите во Пржино, доволно отстапки дозволија прифаќајќи ги сите барања што СДСМ ги поставуваше за сега да биде прифатено уште едно одлагање. Можеби ако не дозволевме предвремени избори, немаше ниту да се договара, па одлага 24 април, немаше да стигнеме до длабока политичка криза. Но, сакајќи да бидеме конструктивни и во интерес на државата, сега се случува уште полошо сценарио“, вели изворот на Дневник.

Од ДИК за Press24 потврдуваат дека до истекот на рокот, ниту една партија освен ВМРО-ДПМНЕ не предложила свои кандидати за членови на избирачките одбори. Од ДИК велат дека тоа е јасна порака но не и дефинитивен став на трите партии дека нема да учествуваат на изборите.

„Роковите може да се поместат. Потсетете се на локалните избори во 2013 година кога ги поместивме роковите за да може СДСМ да поднесе кандидати за градоначалници и членови на советите. Ако партиите се договорат, нема да имаме никаков проблем да ги поместиме роковите. Покрај тоа, има и други начини партиските членови да се вратат во избирачките одбори“ – велат за Press24 од ДИК.

Дипломатски извори за Press24 брифираат дека исклучително тешко одат обидите на меѓународниот фактор да издејствува компромис меѓу партиите. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од датумот за избори оправдувајќи го со почитувањето на Уставот, додека СДСМ, едноставно не сака да излезе пред граѓаните. Нашиот извор вели дека причина за тоа е слабиот рејтинг на партијата од една страна но и фактот дека Заев треба да го погази зборот дека нема да излезе на изборите со што дополнително ќе ја загуби и поддршката од т.н. невладин сектор кој му ги турка уличните протести.

„Се наоѓаме во еден класичен политички ќорсокак. Двете страни имаат цврсти и дијаметрално спротивни позиции меѓу кои ќе биде многу тешко да се посредува. Сепак не се откажуваме“ – вели нашиот извор.

Според информациите на Press24 темата поврзана со аболицијата воопшто не била проблем за ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата упатиле на својот став дека бараат таа да биде повлечена, а во разговорите со меѓународниот фактор дале и неколку алтернативи со кои би можело тоа да се направи.

 

 

 
 
06.05.2016 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега