Преговорите без успех: ВМРО-ДПМНЕ за избори на 5 јуни - СДСМ без датум

Нема приближување на ставовите меѓу партиите за излез од политичката криза. ВМРО-ДПМНЕ останува на позициите изборите да се одржат на 5 јуни, а СДСМ бара тие да се одложат без да прецизира датум за нивно одржување.
Партиски извори брифираат дека на средбите со меѓународните претставници биле понудени серија предлози за тоа како да се надминат правните пречки и да се поништи аболицијата.
Дневник објавува дека биле понудени опциите Собранието со закон да ја поништи оваа одлука или пак да се оди со автентично толкување. Во игра е поништување и преку управна постапка.
Весникот пишува дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е аболицијата да се поништи само за оние лица кои тоа го побарале, додека СДСМ инсистира на поништување на комплетниот акт за запирање на постапките.

Нема напредок ни околу прашањето за одложување на изборите.

Партиите предлагале Уставниот суд да ја поништи одлуката на Собранието за распуштање како неуставна. Се разгледувала и можноста за предизвикување криза во ДИК преку оставки на мнозинството членови, но оваа опција била отфрлена бидејќи се додека не се изберат нови членови на комисијата актуелните ја вршат функцијата без разлика на тоа што се во оставка.

 

Официјалниот став на ВМРО-ДПМНЕ е дека нема уставна можност повторно да се свика Собранието додека во СДСМ сметаат дека пратениците имаат мандат додека не се изберат новите и ново свикување на законодавниот дом не треба да биде проблем.

Доколку нема договор меѓу партиите во игра се повеќе опции меѓу кои широка коалиција, одложување на изборите за средина на есента или враќање на политичката Влада на Груевски и Ахмети.

 
 
09.05.2016 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега