Кумановска болница: Не се работи за лекарска грешка во случајот со родилката

Преземени се сите мерки и активности за да се спаси 37-годишната родилка од Крива Паланка, соопштија денеска на прес-конференција лекарите и менаџерскиот тим од Кумановската општа болница.

Директорот на болницата Ариф Латифи посочи дека родилката се породила со царски рез во 12 часот и оти операцијата поминала во вообичаен тек, но настанале потешкотии при будењето иако биле преземени мерки да се подобри дишењето.

Поради тоа е одлучено родилката да се транспортира  до терцијална здравствена установа и во придружба на стручен тим е префрлена на Клиниката за КАРИЛ во Скопје.

- На Одделот за интензивно лекување на КАРИЛ направена е кардиопулмонална ресустација која траеше повеќе од 20 минути. Но, и покрај преземените активности, пациентката почина на КАРИЛ во 15:40 часот, рече Латифи.

Според него, смртта на родилката не настанала како последица на лекарска грешка.

Анестезиологот Билјана Петрушевска истакна дека иако биле следени процедурите немало соодветен одговор од пациентката и оти првично ништо не укажувало дека ќе има ваков исход.

Началникот на Гинеколошкото одделение доктор Нисо Тасов нагласи дека се почитувани сите протоколи и оти нема грешка кај гинеколозите и анестезиолозите. Тој соопшти дека во моментов кај нив се присутни комисија од терцијална клиника и од Министерството за здравство.

Случајот е пријавен во МВР и ќе се чека на обдукацијата која ќе ги покаже причините за смртта на родилката.

- Комисија за унапредување на здравството од болницата ќе го следи случајот и ако има лекарска грешка ќе се преземат мерки, но засега ништо не укажува на тоа, истакна директорот Латифи.

Доктор Лидија Јовчевска информираше дека новороденчето на родилката, која е нејзина седма бременост, е во добра здравствена состојба.

Претходно, за медиумите изјава даде и сопругот на родилката Елвис Јусуфов, со која тие живееле во вонбрачна заедница. Според него, неговата сопруга имала уредна бременост која ја водел гинеколог од Крива Паланка. И тој рече ќе ги почека резултатите од обдукцијата за да дознае која е причината за смртта на неговата сопруга. Нагласи дека нема услови сам да одгледува бебе и дека веќе се грижи за трите деца од првиот брак на сопругата.

 
 
16.06.2016 - 15:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега