Голем број несреќи во Скопје - полицијата демне на улиците
Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден извршила увид на 10 сообраќајни несреќи на скопските улици. Четири се со материјална штета, додека во пет со полесни повреди се здобиле пет лица.
Се случила и една незгодаво која со тешки телесни повреди се здобил еден возач на патничко моторно возило.
Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР - Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци.
Санкционирани се 60 возачи кои со возилото се движеле со брзина поголема од дозволената, пет возачи за време на управување со возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон, седум возачи управувале нерегистрирано возило, како и четири лица биле без возачка дозвола.
Затекнати се и четири пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале црвено светло на семафор.
Со помош на специјалното возило пајак, во текот вчерашниот ден отстранети се 79 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.
Во рамки на проектот за сообраќајна култура на децата во предучилишни установи Одделението за превенција при СВР - Скопје денеска ќе реализира едукативни работилници во градинката „Мајски цвет“, објект „Тафталиџе“, која се наоѓа на подрачјето на општина Карпош.
Со почеток во 21 часот на Националната арена „Филип Втори“ во рамките на Лига Европа ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар помеѓу ФК Шкендија и ФК Краковија, Република Полска. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, сообраќајната полиција ќе преземе соодветни мерки за сообраќајно обезбедување во зависност од моменталните состојби и пренасочување на сообраќајот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа