Министерство за одбрана: Овие факти СДСМ не може да ги изврти за да добие политички поени

Во однос на обвинувањата на Социјалдемократскиот сојуз, Министерството за одбрана на Република Македонија го истакнува следното:

Ова се фактите кои никој не може да ги изврти во своја корист и за добивање политички поени, колку и да се обидува:

 

 1.Истакнуваме дека минималната плата почетник – професионален војник е 19.000, а во зависност од единицата на која припаѓа таа може да достигне над 33.000 денари. Тоа е далеку над невистинитата сума пласирана од СДСМ.

Во однос на исплатата на надоместоците, фактите говорат дека истите за месецот кој го посочуваат, април, се целосно реализирани. Воедно, сакаме да нагласиме дека надоместокот за припадниците на Армијата ангажирани на јужната граница се зголеми за цели 30%!

Министерството за одбрана функционира без никакви пречки ниту проблеми со средствата кои се одредени за одбраната. Истото се постигнува со добро планирање на расположливите средства и со домаќинско и ефикасно трошење на делот од буџетот наменет за одбраната, нешто што е незамисливо за Социјалдемократскиот сојуз.

Воедно Министерството за одбрана реновира објект на јужната граница во кој се создадени мошне добри услови за функционирање на АРМ.

 

2. Во поглед на модернизацијата, Владата на Република Македонија предвиде и одобри средства во висина од 300 милиони евра за период од 12 години. Потсетуваме дека СДСМ во Собранието гласаше против ослободувањето од ДДВ и царина за увозот на опрема за Армијата, со што всушност ги намали средствата за модернизација.

Како што во повеќе наврати е истакнато Владата и Министерството за одбрана обезбедија значајни средства за модернизирање на АРМ.

Во моментов два хеликоптери од воздухопловните сили веќе се во фаза на ремонтирање, а согласно плановите уште четири ќе се бидат упатени на ремонт до крајот на оваа година. Процесот на аквизиција на опремата е започнат. Станува збор за специјални средства кои не можат да се набават во локалниот супермаркет и за кои е потребно време да се произведат. Процесот на модернизација е започнат и истиот ќе се реализира, без оглед на невистините кои ги шири СДСМ.

 

3.За Проектот „АРМ – мој вистински дом“ ја известуваме јавноста дека обвинувањата што беа искажани денес се апсолутно невистинити. Имено, до крајот на месецов, поточно на 27 јули ќе има јавно отворање на понудите за избор на изведувач на првата зграда од проектот. По ова веднаш ќе се закаже електронска аукција за избор на најповолниот понудувач. Очекуваме  во текот на месец септември да започне изградбата, односно да се стави камел темелникот. Досега веќе е направен избор на банка преку која ќе се кредитираат припадниците на АРМ при купувањето на становите, а Министерството ќе ја плаќа каматата за истите. Истакнуваме дека до целосната реализација на овој проект, Министерството и Армијата исплаќаат надоместок за закупнина на стан за припадниците на АРМ.

Реализацијата на „АРМ – мој вистински дом“ и изградбата на овие станови за нас е обврска, тоа е нашиот даден збор пред припадниците на АРМ. За разлика од СДСМ ние ги остваруваме нашите ветувања.

 
 
13.07.2016 - 17:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега