УЈП: СДСМ во очајнички обид за ситни политички поени

 

Управата за јавни приходи ги отфрли денешните обвинувања на СДСМ како неточни и изрази жалење за елементарно непознавање на оваа политичка партија за управувањето со ИПА проектите.

Според УЈП, СДСМ ги искривува информациите за работењето на Управата, а презентираниот документ „Информација за статусот за реализација на ИПА портфолиото на УЈП“ е наменет за информирање на Владата кој УЈП го подготвува и доставува секој месец почнувајќи од 2015 година и така ќе продолжи се додека не се имплементираат сите проекти.

- Не ни е јасно во кој дел од документот е наведено дека „...ИПА програмата не може да се реализира“, бидејќи, напротив, во Информацијата јасно е наведен статусот на реализација на проектите на УЈП т.е. Проектот за изведување на работи за реновирање на Контакт центарот во вредност од 235.710,88 е завршен на 20.11.2015 година, двегодишниот Твининг проект со шпанската даночна администрација во вредност од 800.000 евра е во тек и во завршна фаза на имплементација, Договорот за набавка на канцелариски мебел за новиот Контакт центар во вредност од 48.473,00 евра е склучен и испораката е почната на 10 јуни 2016 година, а останатите Договори за набавка на опремата за Контакт центарот и Мобилните даночни шалтери моментално се во фаза на тендерирање или склучување договори, односно се чека достава на понуди или склучување договор со избраниот понудувач, наведува УЈП.

Ако се има предвид дека сите ИПА проекти во УЈП се завршени или се во тек на реализација, СДСМ, нагласува Управата, во очајнички обид за ситни политички поени, вади извадоци од документ кои се однесуваат на статус на идентификувани ризици кои се составен дел и се дефинираат во секоја проектна документација согласно ЕУ ИПА регулативата, а имаат за цел превентивно делување на институцијата/корисник и преземање навремени мерки од сите инволвирани страни во ИПА проектите, за да се осигура нивна успешна имплементација.

- Изразуваме жалење што дневно-политичките настани за некои се поважни од евроинтегративниот процес на Македонија и од долгогодишните ИПА програми во кои институциите и сите инволвирани страни вложуваат многу, подвлекува Управата за јавни приходи. 

 
 
21.07.2016 - 15:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега