Рангелова: Списокот со спорни гласачи ги изнесе на виделина лагите на СДСМ

Со објавувањето на списокот на гласачи кои СДСМ ги прогласи за спорни, излегоа на виделина сите лаги со кои аболицираниот Зоран Заев и неговите сопартијци со месеци ја манипулираа јавноста, рече денеска на прес-конференција Даниела Рангелова, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, народот виде дека нема ниту половина милион фантоми, ниту 300.000, ниту 200 000, туку има само 40.000 гласачи кои се спорни за Заев и неговите сопартијци.

- Изминативе десет години, СДСМ десет пати по ред доби црвен картон од народот за антидржавната политика што ја практикува. Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со години наназад се движи од 150.000 до 200.000 гласа. СДСМ со години ги лаже граѓаните, правдајќи ги поразите со измислици за непрочистен избирачки список за на крај да признаат дека се се сведува на 39.502 спорни гласачи, од кои најголемиот дел се етнички Aлбанци, истакна Рангелова.

Со објавувањето на списокот на спорни гласачи, додаде, граѓаните видоа дека не постоела никаква објективна причина за бегањето на Заев од избори.

- Единствената причина поради која што Заев одбиваше да излезе на соочување на избори, е од чисто психолошка природа. Заев има страв од македонскиот народ. Овој страв е огромен и оправдан. Зоран Заев и СДСМ две години ја држат Република Македонија во заложништво и во криза. Штетите од нивната деструктивна политика ги плаќаат единствено  граѓаните. Зоран Заев и СДСМ знаат дека просторот за манипулации се стеснува. Казната на избори ќе ја добијат - и таа ќе биде жестока, нагласи Рангелова.

Од името на ВМРО-ДПМНЕ, таа ги повика сите граѓани чие право на глас го спорат СДСМ и Зоран Заев, да ја искористат можноста и да се пријават во Државната изборна комисија и подрачните единици или да ја искористат апликацијата која им стои на располагање. 

- ВМРО-ДПМНЕ ги повикува и Гордан Георгиев, Лилјана Шекеринска, Ерол Ризаов и Мирјана Најчевска и сите останати кои СДСМ инсистираше да бидат ставени на списокот на спорни гласачи, да ја искористат законската можност и да се регистрираат за да бидат впишани во Избирачкиот список и да можат секако да го искористат своето право на глас. Гневот кон СДСМ кој го имаат овие 40.000 граѓани кои беа оспорени, не смее да биде поголем од желбата да се задржи највисокото демократско право да се одлучува за сопствената иднина, истакна Рангелова.

Како што посочи, доколку кој било граѓанин има каков било проблем или му е потребен совет во врска со регистрацијата, ВМРО-ДПМНЕ, стои на располагање. 

- Ние сме сигурни дека по истекот на рокот и оваа манипулација на СДСМ, како и сите други досега ќе падне во вода. Сигурни сме дека најголемиот дел од овие 40.000 граѓани кои што ги спори СДСМ ќе се регистрираат и ќе се види дека и оваа бројка, како и се друго што кажува аболицираниот криминалец Зоран Заев е уште една обична лага, измислица од Фабриките за афери на СДСМ. Доколку некој од граѓаните, заради одредена спреченост, не успее да ја заврши процедурата и да се регистрира, апелираме да се следат законските рокови, затоа што ДИК пред изборите повторно е обврзана да го стави Избирачкиот список на јавен увид, па во тој период ќе може да се корегираат направените пропусти, подвлече Даниела Рангелова. 

 
 
28.07.2016 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега