Купчан се сретна со потписниците на Пржинскиот договор

Во Скопје вчера Директорот за европски прашања од националниот совет за безбедност, Чарлс Купчан, се сретна со политичките лидери, потписници на Договорот од Пржино.

На средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се разговараше за актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО Алијансата.

-Од двете страни беше искажано мислењето дека политичката криза во Република Македонија трае предолго и дека е неопходно да се најде излез од актуелната ситуација преку одржување на избори на кои народот ќе им даде легитимитет на политичките претставници кои имаат капацитет да ја вратат земјата на реформскиот пат и да се посветат на економскиот просперитет. Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ги почитува и реализира обврските преземени од меѓупартискиот договор и дека исто како и претходно, не постојат објективни услови за ново одложување на изборите и натамошно пролонгирање на кризата. Тој нагласи дека е потребен искрен ангажман и од опозицијата за да се создаде амбиент на доверба во кој ниедна страна не би можела да ги оспорува изборните резултати и волјата на граѓаните. Груевски повтори дека изборите се единствениот начин да се излезе од кризата и дека секое ново барање или провоцирање на причини и нови услови за изборите се неприфатливи и одат на штета на државата и граѓаните, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Крупчан се сретна и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Претседателот Заев посочи дека е важно да се завршат договорените процеси до крајот на овој месец, во делот на прочистување на Избирачкиот список и професионалното известување на медиумите, за да се отвори пат за избор на техничката Влада.

  „Зборуваме за реформи кон минимално исполнување на критериумите за фер и кредибилни избори. Тоа е гаранција дека ќе се почитува слободната волја на граѓаните. Вистинските реформи во земјава, коишто ќе ги почувствуваат граѓаните, доаѓаат по демократските промени што ќе се случат во декември, оваа година.“ рече Заев.

На средбата со Ахмети Претседателот на Демократската Унија за Интреграција, отворено и спогодбено се разговарало за ситуацијата во Македонија, судирот на интереси меѓу земјите со различни агенди, случувањата во регионот како и интеграцијата на земјата во Евро-атлантските структури.

Според Ахмети, кризата во земјата може да се реши само преку сеопфатни, веродостојни и демократски избори, затоа г. Ахмети верува дека проценката на крајот на август во врска со исполнувањето на условите за одржување на изборите ќе биде позитивна.

 
 
16.08.2016 - 09:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега