Се тече како подмачкано за избори на 11 декември

Се тече како подмачкано. На две недели пред истекот на рокот за проценка партиите согласни. Засега нема никакви пречки изборите да се одржат на 11 декември. Ваквиот став политичките лидери вчера му го соопштиле и на директорот за европски прашања при Националниот совет за безбедност на САД Чарлс Купчан со кој имаа одвоени средби.
На средбата Груевски посочил дека ВМРО-ДПМНЕ почитува и реализира обврските преземени од меѓупартискиот договор и дека исто како и претходно, не постојат објективни услови за ново одложување на изборите и натамошно пролонгирање на кризата.

Истиот став Груевски го соопшти и во саботно интервју за Сител каде потенцираше дека секое одложување на изборите оди на штета на СДСМ и нивниот рејтинг, бидејќи пропаднала стратегијата преку деструкција да се дојде на власт.

Од СДСМ велат дека се оди според последниот договор и не гледаат пречка која што би можела да застане на патот до изборите.

Во партиското соопштение испратено по средбата со Купчан се вели дека Заев посочил дека е важно да се завршат договорените процеси до крајот на овој месец, во делот на прочистување на Избирачкиот список и професионалното известување на медиумите, за да се отвори пат за избор на техничката Влада.

И во ДУИ сметаат дека нема никаква пречка партиите на 31 август согласно договорот да излезат со позитивна оценка и да дадат зелено светло за избори

Во меѓувреме реализирани се сите предвидени точки меѓу кои измените во изборниот и уште 4 други закони како и методологијата за пречистување на избирачкиот список.

Во моментов до ДИК се уште тече активната регистрација на спорните гласачи. Од 39.502 до денеска на 3 дена пред истекот на рокот во канцелариите на комисијата и преку интернет се пријавиле околу 5.550 граѓани.

До 31 август останува да се комплетира уште ад хок телото за медиуми. Во него, веќе се назначите 4 од 5те члена и денеска тие ќе го одржат првиот состанок за да го изберат петтиот член за кој е договорено да биде етнички Албанец.

 

По 31 август и проценката дека сите услови за избори се исполнети, останува уште на 5 септември да се избере новата преодна влада и СДСМ да постави партиски уредник на националниот сервис со што комплетно се расчистува патот граѓаните на 11 декември конечно да застанат пред гласачките кутии.

 
 
16.08.2016 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега