Околу 1.780.000 граѓани со право на глас на изборите на 11 декември - бројката иста како во 2014-та

Околу 1.780.000 државјани на Македонија ќе имаат право на глас, покажуваат првичните прелиминарни пресметки на Државната изборна комисија.
По завршувањето на активната регистрација, во оваа фаза, некаде околу 30.000 гласачи ќе бидат избришани од избирачкиот список кој пред оваа операција броеше над 1.8 милиони гласачи.
Тоа покажува дека на изборите во декември, пред гласачките кутии ќе застанат идентичен број на луѓе како и на изборите во 2014та година на кои СДСМ тврдеше дека им била украдена победата.
СДСМ првично тврдеше дека во избирачкиот список има 500.000 фантоми. Опозиционерите бројката ја менуваа од ден во ден, за на крајот да се дојде до 30.000 граѓани кои не се пријавија на повикот на ДИК и за кои, се уште не се знае, кој ќе ги сноси трошоците доколку поведат тужба поради одземено гласачко право.
Овие 30.000 граѓани СДСМ вендаш ги прогласи за фантоми.
- Се е потврдено. По завршувањето на рокот за пријавувањето на спорните гласачи во Р. Македонија, се потврдија сите тези на СДСМ и на опозицијата, дека во Р. Македонија има фантомски гласачи, запишани гласачи во Избирачкиот список што се злоупотребуваа за време на изборниот процес. По рокот за пријавување, се докажа дека околу 30 илјади избирачи што се на Избирачкиот список во Р. Македонија не постојат. Не можеа да се пријават, и со тоа се потврди тезата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на изборите што се одржуваа досега во земјава, сериозно го злоупотребувале избирачкото право на граѓаните на земјава. Имајќи предвид дека и дополнителни 172 илјади избирачи се запишани на посебен извод на Избирачки список затоа што се надвор од земјава, се констатира дека во Македонија имаме околу 1 милион и 500 илјади избирачи. Тоа се, реално, избирачи што се во земјава и кои можат да го искористат сопственото избирачко право тука - изјави завчера партискиот генерален секретар Оливер Спасовски

Меѓу фантомите за кои СДСМ тврди дека не постојат е и професорката Мирјана Најчевска. Таа потврди дека нема намера да се пријавува за активна регистрација бидејќи со години имала право на глас и важечки документи.

Од друга страна изводот во избирачкиот список во кој ќе стојат 172.000 гласачи за кои се претпоставува дека се во странство и за кој зборува Спасовски, нема да смени ништо, бидејќи било кој од тие доколку се појави на некое од избирачките места во Македонија ќе може да гласа исто како и секој друг граѓанин кој го има на редовниот избирачки список. Оттука, изјавата на Спасовски дека во Македонија реално има околу 1,5 милиони избирачи, експертите ја квалификуваат како класична манипулација и обид на СДСМ да се извлече од проблемот во кој се најде со обидот да го проблематизира избирачкиот список.

 
 
22.08.2016 - 12:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега