„СДСМ e партијата која ја создаде социјалната сиромаштија во Македонија, Ременски ја помнат по хаосот во МТСП“

Кабинетот на дополнителен заменик министер за труд и социјална политика реагира на изјавата на Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

Реакцијата од кабинетот на Диме Спасов ја пренесуваме во целост

СДСМ e партијата која ја создаде социјалната сиромаштија во Македонија кога затвори 684 фабрики и оставија на улица 200.000 работници односно остави исто толку семејства на работ на егзистенцијата.

Од 60.000 приматели на социјална помош во време на СДСМ, денес бројата е намалена на помалку од 30.000. Толку од знаењето на СДСМ и неможноста ниту да се спореди со работата на владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Денес СДСМ лаже и манипулира ветувајќи нешто што ниту знае ниту планира да го реализира, бидејќи сите на Бихаќка знаат дека поразот на изборите им е неизбежен.

Доколку СДСМ знаеше да работи Фросина Ременски откако беше технички назначена за министер немаше да не покаже интерес за ниту еден проект од интерес на граѓаните. Напротив, таа направи застој на околу 230 предмети кои што не ги реши во законскиот рок поради нејзините смислени опструкции и партиски наредби. Ременски остана запаметена по хаосот кој го направи во МТСП, политичките притисоци и реваншизмот кој го вршеше врз вработените и одговорните лица во институциите под министерството.

Ременски од тотално неразбирливи причини го блокираше проектот „Се грижиме за топол дом“ кој што веќе две и пол години им помагаше на семејствата од социјален ризик. Овој проект  беше широко прифатен во општеството, подржан од компании, јавни личности, граѓански здруженија и преку него се реализирани 1800 донации за социјално ранливи и загрозени категории на граѓани. Повеќе од еден месец огромен број на граѓани не можеа да ги користат бенефитите од овој благороден проект поради тоа што Ременски одбиваше да склучи договор со фирма за превоз како и за сите други проекти за кои досега медиумите известуваа.

Фросина Ременски одбиваше да потпише записници со кои ќе можеше да започне распределба на 119 социјални станови и истовремено бараше лице кое е во блиски релации со функионер на СДСМ и кое не ги исполнуваше критериумите да добие социјален стан.

Затоа ниту Мила Царовска, која иако невработена во министерството доби овластување од Ременски да одобрува или цензурира одговори до граѓаните, не може да ја испере од одговорноста технички назначената министерка. Обидот на СДСМ за партизација на министерството и за блокирање на проектите од бенефит на граѓаните е веќе прочитан.

За разлика од деструктивните тенденции на Ременски, Царовска и СДСМ, Министерството за Труд и Социјална Политика под раководство на ВМРО-ДПМНЕ бележи многу значајни резултати.

Просечната пензија ја зголемивме за 70,29 % од 7.683 денари во 2006 година на 13.083 денари во 2015 година.

Од 2006 континуирано се зголемуваа правата од социјалната заштита како социјалната парична помош која во просек од 2006 година до 2015 година се зголеми за 61,8%. Притоа таа во 2006 година изнесуваше 2.900 денари додека во 2015 година изнесуваше 4.692 денари.

Ја зголемивме и постојаната парична помош во изминативе девет години 60,5%. Во 2006 година во просек изнесуваше 3.695 денари додека во 2015 година изнесува 5.931 денари.

Го презедовме проектот „Отпис на долгови на граѓани од ранливи категории“ при што се отпишуваа долговите на корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години. Во рамки на овој проект донесени се 14.869 одлуки за отпис на долгови и отпишан е долг во износ од 1.798.493.393 денари.

Од 2010 година го реализираме проектот Заштита од енергетска сиромаштија кој предвидува  секое семејство  корисник на социјална парична помош секој месец да добива неповратни финансиски средства за покривање на дел од трошоците за потрошена енергија. Правото на заштита од енергетска сиромаштија во 2010 година и изнесуваше 600 денари месечно а во јули 2015 година изнесува  800 денари месечно. Од истата година започнавме со финансиска подршка во износ од 12.000 денари годишно на учениците во средното образование кои доаѓаат од социјални ранливи семејства а кои редовно ја посетуваат наставата.

Домаќинствата кои се наоѓаат во социјален ризик и се корисници на социјална и постојана парична помош од 2014 година се ослободени од плаќањето на радиодифузна такса.

Наша цел е активното вклучување на невработените лица во социјален ризик на пазарот на труд. Тие се опфатени како посебна категорија во проектот Македонија вработува потоа во неколку мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Во тој контекст ја донесовме и мерката за вработување на 1.600 лица во јавната администрација од социјално загрозени семејства.

Ова се само дел од проектите кои се реалност и од кои бенефит виделе илјадници граѓани во социјален ризик. За разлика од Ременски, Царовска и СДСМ, нашите ветувања стануваат реалност поради нашата посветеност кон обврската која граѓаните ни ја дале во форма на легитимен мандат на избори, а не на маса после создадена криза.

 
 
12.09.2016 - 16:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега