Украинските стопанственици да ги искористат компаративните предности на Македонија за нивните бизнис

 

Украинските стопанственици се повеќе знаат за позитивната тенденција на водење бизнис во Македонија. Импресионирани се од економските резултати што ги постигна земјава во последните 10 години и тоа дополнително ги стимулира директно да соработуваат со македонските компании, беше речено на денешниот Македонско-украински бизнис форум што се одржа во Владата.

На форумот присуствуваа премиерот Емил Димитриев, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и украинската делегација предводена од претседателот на Стопанската комора за трговија и индустрија на Украина Генадиј Дмитриевич. Беше констатирано дека двете земји имаат одлични политички односи базирани на традиционално искрено пријателство што е причина повеќе за продлабочување на трговската соработка, а најголеми потенцијали за развој на деловните односи има во ИТ, туризмот, фармацевтската индустрија,...

Осврнувајќи се на економските резултати постигнати во изминативе неколку години благодарение на владините политики, премиерот Димитриев ги повика украинските бизнисмени да ги искористат компаративните предности на Македонија за реализација на нивните бизнис планови.

- Подготвени сме да излеземе во пресрет и да обезбедиме максимална поддршка за реализација на вашите инвестиции и деловни потфати со македонските компании, им порача Димитриев на стопанствениците.

Според него, постојат огромни неискористени можности за унапредување на економско-трговските односи меѓу двете земји и тоа е заеднички интерес на Македонија и Украина, но, како што рече, и интерес за стопанските комори.

- Македонија во изминативе неколку години се издигна во едно од најпријатните изненадувања и стана еден од најпозитивните економски примери во Европа. Тоа е резултат на напорната работа на Владата и големиот број проекти чија цел беше да му помогнат на стопанството и да ја позиционираат земјата како одлична бизнис дестинација и инвестициски рај во Европа, подвлече Димитриев, додавајќи дека сите досега реализирани политики помогнаа Македонија да се справи со светската економска криза многу подобро од други земји во Европа и светот, а економијата продолжува да дава се подобри знаци на раст и стабилност.

Како потврда за економската успешност на земјата, премиерот ги наведе низата рангирања од страна на меѓународните финансиски институции меѓу кои Светска банка, Институтот за вреднување на бизнисот, Агенцијата ФИЧ, лондонскиот весник „Фајненшл тајмс“, ММФ, Европската комисија,...

Министерот Павлески го оцени бизнис форумот како одлична можност за продлабочување на соработката со Украина, зголемување на извозот и привлекување нови инвестиции.

- Очекуваме по денешната средба во Скопје да се зголеми интересот за економска соработка и уште повеќе да се поттикне привлекувањето нови украински инвестиции, истакна Павлески.

Украинските бизнисмени, како што потенцира претседателот на Комората Дмитриевич, високо ја ценат соработката со Македонија. Тие втор пат доаѓаат во Скопје за кратко време, а и македонска делегација престојуваше во Киев што укажува, нагласи Дмитриевич, за интензивирање на економските и трговските односи. Тој потенцијал гледа во малите и средните бизниси, но, напомена, соработката се проширува и во сферата на големите компании.

- Како претставник на бизнисот, ги следам и ги ценам економските показатели, а тие велат дека од почетокот на 2016 економскиот раст во Македонија е 3,7 отсто што за мене зборува се. Македонија за краток период постигна многу позитивна тенденција во бизнисот, рече Дмитриевич.

Украина во моментов спроведува економски реформи и несомнено, предочи Дмитриевич, ќе искористи дел од македонските искуства.

Македонско-украинскиот бизнис форум продолжува попладнево со директни средби на стопанствениците од двете земји во организација на Сојузот на стопанските комори (ССК). Пред б-2-б средбите се очекува да биде потпишан и меморандум за соработка.

 
 
14.09.2016 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега